Фото: Shutterstock
Имаме проблем, и тоа сериозен. Во кој било момент може да се појави глобална пандемија, опасна за живот, и да избрише значаен дел од човештвото што живее на оваа планета.
Бројот на жртви би бил катастрофален. Звучи како кошмар, како нешто што не би можело да е вистина, меѓутоа, ова е факт. Информациите доаѓаат од Тедрос Адханом, генерален директор на Светската здравствена организација. На Самитот на светската влада во Дубаи тој ја даде својата оцена - дека работите не изгледаат добро.
„Ова не е сценарио за кошмар. Ова е она што се случило пред 100 години за време на шпанската пандемија на грип. Во секоја земја може да почне уништувачка пандемија и да убие милиони луѓе, бидејќи ние не сме подготвени. Светот останува ранлив“, изјави тој.
Која е причината за оваа ранливост? Дали е тоа неспособноста да се одбраниме од еболата? Дали се тоа зголемените инциденти на беснило кај животните? ХИВ? СИДА?
Не. Според Тедрос, заканата од глобална пандемија доаѓа од нашата апатија, од нашето одвратно одбивање да дејствуваме за да се спасиме себеси - одбивање што потекнува од нашата рамнодушност и алчност.
„Отсуството на универзална здравствена покриеност е најголемата закана за глобалното здравје“, објави Тедрос.
Тој истакна дека и покрај фактот дека универзалната здравствена покриеност е на дофат за речиси секоја нација во светот, на 3,5 милијарда луѓе сè уште им недостига пристап до основните здравствени услуги.
Речиси 100 милиони луѓе се наоѓаат во екстремна сиромаштија поради трошоците за нега од сопствените џебови.
Резултатот? Луѓето не одат на лекар. Не бараат третман. Стануваат поболни. Умираат. И со тоа, се пропуштаат најраните сигнали за појава. Надзорот е една од најважните форми на заштита кои агенциите за јавно здравје во светот можат да ги понудат, но овие агенции се потпираат на парите на владите што им служат.
Програмите за спречување заразни болести, како што е еболата, се намалуваат во 39 од 49 земји во кои биле спроведени. Причината? Едноставно владите ги повлекуваат парите од овие програми и не е јасно дали некогаш ќе бидат распределени.
Како што вели Тедрос: „На здравјето гледаме како на цена што треба да се сочува, а не инвестиција што треба да се негува“.
„Придобивките од општото здравствено покритие одат многу подалеку од овозможување здрав живот. Силните здравствени системи се од суштинско значење за силните економии“, вели Тедрос.
Ако сакаме нашите деца да пораснат во здрави луѓе за да станат функционални членови на заедницата, кои ќе придонесуваат за неа, тогаш квалитетот на грижата што ја добиваат од раѓањето и во текот на детството не смее да се потцени.
„Не знаеме кога ќе се случи следната глобална
пандемија, но знаеме дека ќе земе огромен данок и во човечките животи и во економијата“, вели Тедрос.