Доналд Трамп, Ричард Бренсон и Ангела Меркел спијат по само четири часа во текот на ноќта, а сега научниците открија зошто е така.
Тие откриле ретка генска мутација што објаснува зошто не некои луѓе едноставно не им се потребни осум часа сон, колку што спијат повеќето луѓе.
Луѓето со мутираниот „ADRB1“ ген, кој досега бил најден во повеќе од 50 семејства, спијат два часа помалку од просекот.
Честопати тие се пооптимистични личности, подобри во мултитаскинг и поенергични. Едно истражување покажа и дека тие имаат повисок праг на болка, не се уморни по долг лет, па дури и живеат подолго.
Зошто е така, сè уште е мистерија за научниците.
- Зачудувачки е што толку малку знаеме за спиењето, со оглед на тоа што просечниот човек поминува третина од животот во спиење - рече Луис Птачек, невролог од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.
- Ова истражување е возбудливо и ни овозможува да ја разграничиме сложеноста на мозокот и различните типови неврони што придонесуваат за спиењето и будноста - додаде тој.
Генската мутација значи дека луѓето биле поактивни за време на будноста и за време на РЕМ-спиењето. Во експериментите со стаорци научниците откриле дека на оние што имале мутација им биле потребни 55 минути помалку сон секој ден.
- Пред да го идентификуваме првиот ген за краток сон, луѓето не размислуваа за времетраењето на спиењето во генетичка смисла - изјави авторот на истражувањето, Јинг-Хуи Фу, професор по неврологија на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.
- Тешко е да се проучува спиењето користејќи ги алатките за човечка генетика затоа што луѓето користат аларми, кафе и апчиња за да ги променат природните циклуси на спиење.
Овие нарушувачи на спиењето го отежнуваат разграничувањето меѓу луѓето што природно спијат помалку време и оние што го прават тоа со вештачка стимулација.
Во 2009 година научниците откриле дека луѓето што наследиле одредена мутација на генот наречен „DEC2“ спиеле во просек 6,25 часа во текот на ноќта. Оние без мутација спиеле во просек 8,6 часа во текот на ноќта.
Ова им ги обезбедило првите докази дека природното кратко спиење, барем во некои случаи, е генско. Сепак, оваа мутација е толку ретка што не може да ги објасни сите случаи на луѓе на кои им е потребно помалку спиење.
Најновото откритие дошло кога истражувачите идентификувале семејство во кое три генерации имале природна навика да спијат помалку - никој од нив го немал генот „DEC2“. Научниците го искористиле геномот на семејството и ја откриле новата мутација „ADRB1“.
Во експерименти со глувци научниците откриле дека мутацијата промовира природен краток сон затоа што помага во изградбата на мозок што полесно се буди и подолго останува буден.
Научниците велат дека ова откритие би можело да помогне во развивањето лекови во борбата против нарушувањата за кои се верува дека се поврзани со недоволно спиење.
Истражувачите додаваат дека ова е првиот чекор во разбирањето на врската помеѓу добар сон и целокупното здравје.
-
Луѓето што природно пократко спијат имаат поквалитетен и поефикасен сон. Со нивно проучување се надеваме дека ќе научиме што придонесува за добриот сон, за сите ние подобро да спиеме и да водиме посреќен и поздрав живот - вели професор Фу.