Три страсти, едноставни но неодоливи, ме носеа низ животот: копнеж за љубов, потрага по знаење и неподнослива жалост поради страдањата на човештвото. Овие страсти, како силни ветрови, ме носеа наваму-натаму по своеволен курс, над големиот океан на страдањето, достигнувајќи до самиот раб на очајот.
Трагав по знаење. Сакав да ги разберам човечките срца. Сакав да сознаам зошто светат ѕвездите. Се трудев да ја сфатам питагорејската моќ според која бројките имаат влијание врз тековите. Нешто од тоа, но не многу, успеав да сознаам.
Љубовта и знаењето ме воздигнуваат до небесите онолку колку што ми беа достапни, но сожалувањето ме влечеше назад кон земјата. Одеците на болните пискотници одѕвонуваат во моето срце. Деца што умираат од глад, жртви на угнетување и мачење, беспомошни стари луѓе кои им се товар на своите деца, и цел свет на самотија, сиромаштија и мачеништво, кој прави потсмев од она што треба да изгледа како човечки живот. Копнеам да го ублажам тоа зло, но не можам, затоа и самиот страдам.
Тоа беше мојот живот. Сметам дека беше вреден за живеење и со задоволство би го проживеал повторно, ако ми се даде можност за тоа.
Трагав по љубовта, затоа што, пред сè, таа носи восхит; толку силен восхит што често би го жртвувал остатокот од животот за неколку часа на оваа радост. Најпосле, трагав по неа, затоа што во љубовното соединување, во чудесна минијатура, видов показ на визијата за небото кое го замислуваа светците и поетите.
Тоа е она по што трагав, иако тоа може да изгледа премногу за еден човечки живот, тоа е она што на крајот и го пронајдов.
***
Претпоставував дотогаш дека е прилично вообичаено родителите да ги сакаат своите деца, но војната ме убеди дека сепак тоа е редок случај. Претпоставував дека многу луѓе ги сакаат парите повеќе од што било друго, но открив дека разорувањето го сакаат дури и повеќе. Претпоставував дека интелектуалците се оддадени на вистината, но открив дека ни десет проценти од нив не ја ценат вистината повеќе од популарноста.
***
Како вљубеник во вистината, националната пропаганда на сите воинствени нации ми се смачи. Како вљубеник во цивилизацијата, враќањето во варварство ме згрози.
***
Живеев во потрагата по визија, како лична така и општествена. Лична, за да се погрижам за она што е благородно, за она што е убаво, за она што е питомо, за да овозможам миговите на спознанија да им дадат мудрост на земските времиња. На општествената: да замислам општество кое ќе биде одново создадено, каде што лицата ќе се развиваат во слобода, и во кое омразата, алчноста и злобата ќе изумрат, затоа што ќе нема ништо за да ги потхранува.
Во ова верувам, а светот со сите свои грозотии сè уште не успеал да ме поколеба.
*од
предговорот на автобиографијата на Бертранд Расел, „За што живеев“