X
 27.01.2018 Култура

За хероите и гробовите: Што го спасува светот?


Ернесто Сабато



„...Никакво апстрактно размислување, дури и она кое се занимава со човечките проблеми, не може да му пружи утеха на човекот, не може да ја ублажи тагата ни маката на конкретно битие од крв и месо, битие чии очи трескаво гледаат (кон што и кон кого?), битие кое само надежта го одржува во живот. Затоа што, за среќа, (така мисли), човекот не е создаден само од безнадежност туку и од верба или надеж, не само од смрт туку и од желба за живот, не само од осаменост туку и од моменти на заедништво и љубов. Доколку би завладеала безнадежноста, сите ние би ѝ се препуштиле на смртта или би се убивале, но тоа сепак не се случува. Според негово мислење, тоа покажува колку малку е важен разумот, затоа што не е разумно да се има надеж во светот во кој живееме. Нашиот разум, нашиот ум непрекинато ни докажуваат дека овој свет е ужасен. Затоа разумот е погубен и води кон скепса, цинизам и конечно уништување. За среќа, човекот речиси никогаш не е разумно битие и заради тоа секогаш одново се раѓа од пеплиштата. А токму тоа повторно раѓање на нешто бесмислено, во суштината длабоко бесмислено и целосно неосновано, е доказ дека човекот не е рационално битие.

Така се случува што, само што земјотресите ќе разорат цели области од Јапонија или Чиле, само што голема поплава ќе унесреќи стотици илјади Кинези во областа Јанг-це, само што една безмилосна и за повеќето жртви од неа – бесмислена војна, како онаа Триесетгодишната во која деца и жени беа осакатувани, измачувани, убивани и напаствувани, а селата беа запалувани и срамнети со земја, оние што ќе преживеат... оние исти суштества кои во часовите на очај мислеле дека никогаш повеќе нема да посакаат да живеат, дека никогаш повеќе нема да ги создаваат своите животи, дури и кога би можеле и сакале, тие исти луѓе, тие исти жени (особено жените, затоа што жената е сушт живот и мајка земја, таа која никогаш не го губи последниот знак на надеж), значи, тие исти кршливи човечки суштества веќе почнуваат (исто како занесени но одважни мравки) повторно да го градат својот мал секојдневен свет. Навистина мал, но токму затоа трогателен свет. Светот не го спасуваат идеите, интелектот или разумот туку нешто сосема друго; оние неразумни човечки надежи, неговата упорност да преживее, неговата желба да дише додека може, неговото мало, тврдоглаво и смешно секојдневно јунаштво наспроти лошата судбина. Ако стравот е искуствено спознание на Ништожноста, нешто како онтолошки доказ за Ништожноста, зарем надежта не би можела да биде доказ за Скриената Смисла на Постоењето, нешто за кое вреди да се бориш? А бидејќи надежта е посилна од стравот (затоа што секогаш победува, инаку сите би дигале рака на себе), зарем таа Скриена Смисла не би можела да биде повистинска од, да кажеме, фамозната Ништожност?“


Извадок од романот „Херои и гробови“ од Ернесто Сабато.

Извор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура