X
 22.09.2017 Култура

Албер Ками: „Нема сонце без сенка и треба да се запознае ноќта!“

На 4 јануари 1960 година, во сообраќајна несреќа животот го загуби писателот и филозоф Албер Ками, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1957. Ви пренесуваме извадок од неговото познато дело „Митот за Сизиф“.

„...Боговите го осудиле Сизиф без престан да тркала една карпа до врвот од некоја планина, од каде што таа се враќала поради својата тежина. Тие сметале, донекаде и со право, дека не постои пострашна казна од бескорисна и безнадежна работа.

Според  Хомер, Сизиф бил најмудриот и најразумниот меѓу смртниците. Меѓутоа, според некое друго предание, тој бил склон кон разбојништво. Јас тука не гледам никаква противречност. Се разликуваат само мислењата за мотивите кои му обезбедиле да стане бескорисен работник во пеколот. Пред сè, му забележувале за некаква непромисленост кон боговите. Ги оддавал нивните тајни. Егина, ќерката на Азоп, ја грабнал Јупитер. Таткото се зачудил од нејзиното исчезнување и му се пожалил на Сизиф. Тој, знаејќи за киднапирањето, му понудил на Азоп да му даде сознанија, под услов тој да даде вода за коринтската тврдина. Со небесни молњи го претпоставил благословот на водата.

Затоа бил осуден на пекол. Хомер исто така кажува дека Сизиф ја беше оковал Смртта. Плутон не можел да поднесе неговото царство да остане пусто и глуво. Тој го пратил богот на војната да ја избави Смртта од рацете на нејзиниот поробувач.

Се раскажува и тоа дека Сизиф пред смртта сакал неразумно да ја преиспита љубовта на својата сопруга. Тој ѝ наредил да го фрли неговото тело насред плоштад, наместо да го погреба. Сизиф повторно се нашол во пеколот. И таму, разгневен од послушноста која е толку спротивставена на човечката љубов, тој од Плутон издејствувал дозвола повторно да се врати на земјата за да ја казни својата жена. Но кога повторно го здогледал лицето на овој свет, кога ги искусил водата и сонцето, топлите камења и морето, не сакал повторно да се врати во темнината на пеколот. Повикувањата, бесот и опомените, не помогнале многу. Уште многу години тој живеел во заливот, покрај блескавото море и насмевката на земјата. Била потребна пресуда од боговите. Меркур дошол да го фати за врат безобѕирникот, и одделувајќи го од неговите наслади, сосила да го врати во пеколот, каде што го чекала неговата карпа.

Веќе сфативме дека Сизиф е апсурден јунак. И тоа колку според своите страсти, толку и според својата мака. Неговиот презир кон боговите, неговата омраза кон смртта и страста за живот го чинеа неискажлива казна целото свое битие да го вложува во работа која никогаш нема да може да ја заврши. Тоа е цената која требало да се плати заради овоземните страсти. Ништо не се зборува за Сизиф во пеколот. Митовите се создадени за да бидат оживеани од фантазијата. Во овој се гледа целиот напор на едно тело кое се напрега да го придвижи големиот камен, како го тркала и турка по стопати поминатата стрмнина; се гледа згрченото лице, образот потпрен на каменот, подметнатото рамо кое ја прима масата покриена со глина, ногата која го запира, и одново, само рацете, сосема човечка сигурност на две раце полни со земја. На самиот крај на тој тежок напор, одреден со простор без небо и време без длабочина, целта е постигната. Тогаш Сизиф го набљудува каменот како за само неколку мигови се спушта кон тоа пониско место, од каде што повторно треба да го истурка до врвот. И тој повторно слегува до подножјето.

Токму за време на неговото симнување, на тој одмор, ме интересира Сизиф. Лицето кое се мачи во непосредна близина на каменот веќе и самото станува камен! Го гледам тој човек како одново слегува со бавен, но рамномерен чекор кон маката на која не ѝ се знае крајот. Тој час кој е како одмор и кој со сигурност се враќа исто како и неговото страдање, тој час е час на свесност. Во секој момент од тој час, кога го напушта врвот и се спушта малку-помалку кон засолништата на боговите, тој е надмоќен во однос на својата судбина. Тој е појак од својата карпа.

Ако овој мит е трагичен, тоа е поради фактот што неговиот јунак е свесен. Каде би била неговата мака кога на секој чекор би имал надеж дека ќе успее? Денешниот работник работи секој ден во својот живот на исти задачи, и таа судбина е еднакво апсурдна. Но трагична е само во ретките моменти кога тој станува свесен за тоа. Сизиф, пролетерот на боговите, немоќен и огорчен, ја познава цела суштина на својата бедна положба: слегувајќи надолу, тој размислува за неа. Проникливоста која мора да му донесе страдање, истовремено ја заокружува и неговата победа. Не постои судбина која не е обвиткана со презир...

Тоа е целата тивка радост на Сизиф. Нему му припаѓа сопствената судбина. Неговата карпа е негова работа. Така апсурдниот човек, кога размислува за својата мака – ги замолчува сите фетиши. Во светот на неговиот одеднаш вратен молк се подигнуваат илјадници ситни воодушевени земни гласови. Несвесни и тајни повици, повици упатени од сите лица, нужно се опачина и цена на победата. Нема сонце без сенка и треба да се запознае ноќта. Апсурдниот човек вели „да“ и неговиот напор ќе биде непрекинат. Ако постои лична судбина, нема понадмоќна судбина или постои барем една таква која тој ја држи кобна и достојна за презир. За останатите, тој знае дека е господар на својот живот. Во таков момент, кога човекот се грижи за својот живот, Сизиф, враќајќи се на својата карпа, размислува за низа неповрзани работи што стануваат негова судбина, судбина што ја создал самиот, што ја обединил во своите сеќавања и набрзо ја потврдил со сопствената смрт. Така, уверен во целото човечко потекло на сè што му припаѓа на човекот, како слеп човек кој има намера да прогледа, а знае дека ноќта е бескрајна, секогаш е во движење. А карпата сè уште се тркала. Го оставам Сизиф во подножјето на планината! Секогаш се пронаоѓа сопствениот товар. Но, Сизиф нè подучува на повисока верност што ги негира боговите и ги подигнува карпите. И тој смета дека сето тоа е добро. Овој свет, отсега без господари, не му изгледа ниту јалов ниту ништожен. Секое зрно од тој камен, секој минерален блесок на таа планина полна со ноќ, за него се посебен свет. Самата битка да се достигне врвот, е доволна да се наполни човечкото срце. За Сизиф треба да се размислува како за среќен човек...“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура