X
 22.02.2018 Наука

Научниците предупредуваат: поларните мечки ќе изумрат за 30 години


Поларните мечки
(Фото: Pixabay)


Најголемите копнени месојадци на светот, поларните мечки, ќе изумрат во следните 30 до 40 години, предвидува студија од 2013 година.

Гласот на Америка“ пренесува дека судбината на поларните мечки е директно поврзана со климатските промени и топењето на мразот на Арктикот, кое е нивното главно ловиште.

„Мора да уловат барем по една фока на секои пет до десет дена, и тоа им е само за преживување. Доколку не успеат, губат тежина, што потоа влијае врз здравјето, репродуктивниот капацитет итн.“, наведува американскиот истражувач Џорџ Дарнер.

Климатските промени што настанаа како последица на човековата активност резултираат со намалување на карпите мраз и на кратките сезони на лов, а сето тоа значи дека мечките мора да вложат повеќе енергија за да дојдат до храна.

„Но, ако го намалиме тој период, да речеме, ако мразот се топи порано во текот на летото, тогаш им ја истргнуваме површината под нозете на поларните мечки и тие повеќе немаат платформа за лов на фоки“, објаснува Дарнер.

Ново истражување објавено во списанието „Science“ се заснова на податоци што истражувачите ги собрале набљудувајќи снимки забележани на поставените камери, а на кои се гледа како мечките го поминуваат ловниот период.

„Се гледаат мечки кои преминуваат преку замрзнатото море, како прават дупка преку која ќе ловат фоки, се гледа како нуркаат низ тенкиот мраз бркајќи ги фоките под водата и од нивна перспектива се гледа како фоките заминуваат.“

Како што се наведува, истражувањето покажало дека во текот на ловната сезона, кога би требало да се здебелуваат, мечките всушност губат 10 отсто од телесната тежина.

„Ќе биде полошо, пред да биде подобро. За поларните мечки ситуацијата е многу лоша, што би можело да влијае и врз нас, луѓето“, смета Дарнер.

Во најмала рака, предупредува истражувачот, непосредно се загрозени помалите мечки, ќе има помалку младенчиња, што за поларните мечки генерално значи и долгорочен статус на загрозен вид.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука