X
 16.05.2024 Наука

Протеини во крвта може да дадат предупредување за појава на рак седум години пред дијагнозата

Две студии од „Оксфорд популејшн хелт“ откриле протеини во крвта кои би можеле да ги предупредат луѓето за појава на рак повеќе од седум години пред да биде воопшто дијагностициран.

Научниците идентификувале 618 протеини поврзани со 19 различни видови рак, вклучувајќи 107 протеини во група на луѓе чија крв била собрана најмалку седум години пред дијагнозата. Тимот открил дека овие протеини може да бидат вклучени во најраните фази на ракот, каде што може да се спречи неговиот развој.

Тие веруваат дека некои од овие протеини може да се користат за откривање на ракот многу порано отколку што е моментално можно. Во иднина, ова може да помогне во лекувањето на болеста во многу порана фаза или целосно да се спречи. Во овие студии тимот користел моќна техника наречена протеомика. Таа им овозможува на научниците да анализираат голем сет на протеини во примероци од ткиво во еден момент во времето, за да видат како тие комуницираат едни со други и да најдат какви било важни разлики во протеините, помеѓу различните примероци од ткивото.

Во првата студија, научниците анализирале примероци од крв од „ОК Биобанк“ кои биле земени од повеќе од 44.000 луѓе, вклучително и над 4.900 луѓе на кои подоцна им бил дијагностициран рак.

Користејќи протеомика, тимот анализирал збир од 1.463 протеини од еден примерок крв од секој човек. Тие ги споредиле протеините на луѓето на кои им бил дијагностициран рак и на оние на кои не им бил дијагностициран, за да бараат разлики меѓу нив и да откријат кои се поврзани со ризикот од појава на рак. Научниците, исто така, идентификувале 182 протеини кои се разликувале во крвта, три години пред да се дијагностицира рак.

Во втората студија, научниците ги разгледале генетските податоци од над 300.000 случаи на рак за да направат длабока анализа за тоа како крвните протеини се вклучени во развојот на ракот и како тие да бидат насочени кон нови третмани. Научниците откриле 40 протеини во крвта кои влијаеле врз ризикот од добивање 9 различни видови рак. Додека менувањето на овие протеини може да ги зголеми или намали шансите некој да добие рак, научниците исто така откриле дека во некои случаи тоа може да доведе до несакани ефекти.

Сепак, тимот нагласил дека ќе треба да направат дополнителни истражувања за да ја откријат точната улога на овие протеини во развојот на ракот, кои од протеините се најсигурни за тестирање, кои тестови би можеле да се развијат за откривање на протеините во клиниката и кои лекови би можеле да ги таргетираат овие протеини.

Д-р Керен Папиер, виш нутриционистички епидемиолог во „Оксфорд популејшн хелт“ и прв автор на првата студија, истакнала:

- За да спасиме повеќе животи, треба подобро да разбереме што се случува во најраните фази на болеста. Податоци од илјадници луѓе со рак откриваат навистина возбудливи сознанија за тоа како протеините во нашата крв можат да влијаат врз нашиот ризик од појава на рак.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука