X
 23.02.2018 Живот

Град фокусиран на здравјето и среќата на своите жители


Копенхаген
(Фото: Pixabay)


Во 1987 година Копенхаген се приклучи на иницијативата на Светската здравствена организација, во која денес се вклучени 1.400 градови од целиот свет, а чија цел е да изградат поздрави и посреќни заедници.

„Копенхаген има многу добра здравствена политика за 10 години“, вели Катрин Шонинг, задолжена за нејзиното спроведување. „Се одлучивме за период од 10 години затоа што за да се спроведат промени во јавното здравство, потребно е подолго време.“

И ја направија едноставна, само со шест иницијативи.

Првата е промовирање на здравјето во секојдневниот живот „така што возењето велосипед го прават привлечно, служат здрави оброци во институциите или на образовните институции им нудат програми за одвикнување од пушењето“. Луѓето што се стремат да бидат здрави прво ќе го заокружат образованието и ќе се вработат. Со други зборови, здравјето им овозможува да живеат живот каков што живеат.

На улиците на Копенхаген во зима сите се на велосипед. Родителите ги возат децата на велосипеди со приколки. Тоа им е наједноставниот начин да стигнат од едно до друго место. Неверојатни 62% од луѓето што живеат во градот секојдневно одат на работа со велосипед, а мнозинството од нив продолжуваат да возат и по студено и врнежливо време. „Тоа не е заради здравствениот бенефит, туку затоа што е најлесен избор“, вели Шонинг. „Градот е проектиран за велосипеди, а не за автомобили.“

„И кантите за отпадоци се дизајнирани така што да им одговараат на велосипедистите едноставно да ги фрлаат отпадоците“, вели Мајк Викинг, директор на Институтот за истражување на среќата. На работ на велосипедските патеки каде што велосипедистите застануваат кога семафорот покажува црвено светло има платформа на која можат да ги одморат своите стапала, а притоа да не мора да слегуваат од велосипедите. Кога ќе заврне снег, прво се чистат велосипедските патеки, а потоа улиците за автомобилите.

„Тоа се мали, но важни нешта“, додава Викинг. „Копенхаген не е импресивен град во смисла на споменици и атракции, но мислам дека е сјаен град во смисла на удобноста и е град во кој луѓето се во центарот на вниманието.“

Тајната на успехот е во тоа што жителите на Копенхаген сè што прават го прават заради уживање или заради олеснување во животот, а не заради здравје.

Се чини дека Данците не сакаат да им се наредува што да прават, како на пример кога станува збор за законот со кој се забранува пушење на јавни места. Градот нуди курсеви за одвикнување од пушење за секој што ќе се пријави во дом за здравје, но здравствените власти не можат да бидат остри кон оние што пушат на детско игралиште: таму се поставени табли со љубезна молба да не се пуши, но освен тоа – за ваквото однесување не се предвидени казни. „Во поширокиот политички контекст во Данска пушењето е многу исполитизирано, така што речиси и да стана човеково право“, вели Шонинг. 

Градските власти избираат посуптилен пат здравјето на луѓето да им го претстават како очигледен избор. Развиваат град во кој е тешко да не бидеш здрав и еколошки освестен.

Загадувањето на воздухот го намалија благодарение на иницијативите од типот на „зелени покриви“ врз станбените објекти и живеалиштата. Како дел од својата одлучност да стане карбонски неутрален до 2025 година, Копенхаген наложува на сите рамни покриви да мора да се засадуваат растенија.

Втората иницијатива е да се посветува еднакво внимание на менталното и физичкото здравје или соработка со детските градинки, училиштата, работните места и други партнери заради воведување здрав начин на живот. Копенхаген нуди бесплатни програми за лекување од стрес на сите на кои тоа им е потребно. Не само за луѓето што работат многу, туку и за оние што трпат стрес затоа што немаат работа или се соочуваат со други проблеми. Упатот мора да го издаде општ лекар, а оваа мерка најмногу ја користат жени помеѓу 30. и 40. година од животот. Работната седмица трае 37 часа. Грижата за децата е бесплатна за сите, така што речиси сите мајки на мали деца работат.

Копенхаген е град во кој луѓето можат да издвојат 60% од своите примања за даноци. Но, во ова општество со високи даноци образованието – од јасли до универзитет – е бесплатно, а студентите добиваат солиден месечен износ. Лекувањето е бесплатно, исто така и домашната нега.

Некогаш од Копенхаген се иселувале голем број пензионери. Сега сè поголем дел од оваа популација се одлучуваат да останат со своите семејства и да уживаат во градот. Цените на недвижностите растат како резултат на економскиот, социјалниот и здравствениот јаз помеѓу богатите и сиромашните, како и во многу други држави. Сепак, не може да се превиди фактот дека Копенхаген се носи многу подобро со тоа во споредба со голем број други градови.


Извор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот