X
 02.02.2021 Живот

Зошто еден од најстудените градови на светот сака да ги организира Летните олимписки игри?

Бидејќи температурите низ целиот свет, а особено на Арктикот, се зголемуваат поради слабите напори да се справиме со климатската криза предизвикана од човекот, еден од најстудените градови на Земјата е кандидат за домаќин на Летните олимписки игри во 2032 година.

Градот Сала се наоѓа во Лапонија, Финска, и често се вели дека се наоѓа „во средината на никаде“. Просечната температура е -50 степени и областа може да се пофали со скијачки центар, парк за ирваси, сафари во Арктичкиот Круг, па дури и хотел со снег и мраз.

Со поддршка од „Петоци за иднината“, движење предводено од младите, почнато од шведската тинејџерка Грета Тунберг, Сала ја објави својата олимписка кандидатура за градење свесност за последиците од глобалното затоплување и потребата од итни активности.

- Нашата намера е јасна, сакаме да ја задржиме Сала таква каква што е и нашите студени зими со многу снег. Така ни се роди оваа луда идеја, да организираме Летни олимписки игри во еден од најстудените градови на светот - изјави градоначалникот на Сала, Ерки Паркинен.

- Ако не преземеме ништо, ако дозволиме да продолжи глобалното затоплување, ќе го изгубиме нашиот идентитет, а градот што го сакаме, како и многу други низ целиот свет, ќе престане да постои таков каков што го знаеме. Нашите лета се сè потопли и потопли, а зимите се сè пократки. Мора да ја зачуваме нашата Сала да остане ледена, студена и снежна - изјави Паркинен.

- И покрај очигледноста на глобалното затоплување, идеологијата за негирање на климатските промени станува сè попривлечна низ светот и се зголемува секоја година. Ја создадовме оваа понуда за да го зголемиме вниманието за климатската вонредна состојба. Сала се менува. Целата планета се менува. Но, не на добар начин - додава тој.

- Имаме само една планета за живеење и огромна одговорност пред идните генерации. Сите можеме да направиме разлика. Она што не можеме да го направиме под никакви околности е да го негираме проблемот. Ризиците се сериозни и неизбежни - вели Џо Хобс, активист од „Петоци за иднината“.



Извор: Ecowatch.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот