X
 24.02.2018 Живот

Кој се крие зад омилените цртани ликови на вашите деца?

Со огромна радост неколку македонски актери зборуваат за тоа како ги создаваат познатите цртани ликови и потенцираат дека оставаат наследство за многу генерации.


„Патролни шепи“ е достапен на видеотеката на Ејч-би-о на „Макс ТВ“

Познатите македонски актери Дејан Лилиќ, Никола Ристановски, Снежана Конеска-Руси, Билјана Драгичевиќ-Пројкоска, Александар Микиќ, Трајче Ѓеоргиев, Сашко Коцев, Нино Леви не се активни само во театар или на филмското платно. Нивните, но и гласовите на многу наши актери со години ги радуваат најмалите. Тие ги позајмуваат за многу познати цртани ликови. Со огромна радост дел од нив зборуваат за тоа како ги создаваат познатите цртани ликови и потенцираат дека оставаат наследство за многу генерации. Децата ќе има од каде да го учат литературниот македонски јазик и правилно да ги изговараат зборовите.

Дејан Лилиќ ужива во подготовките на цртаните ликови

Актерот Дејан Лилиќ својот глас го позајмува за многу цртани ликови, а еден од најпознатите е Пожарникарот Сем, но и Лутко во „Штрумфовите“, пандата во „Кунг Фу Панда“. Вели дека ова е една од активностите што ги работи со голем ќеф. Подготовката за цртаните ликови ја опишува како различен процес од подготовката на улогите за театар или филм.
- Всушност, само со еден елемент - гласот мораш да го доловиш целиот карактер на ликот, дали е тажен, нервозен, агресивен, среќен, какви емоции крие. Дури преку гласот можеш да ја откриеш не само неговата внатрешна состојба туку и физичкиот изглед, како тој изгледа. Сосема е различно како нахсинхронизираш помал лик или некој со покрупен физикус – објаснува Лилиќ.
Екипата што нахсинхронизира цртани филмови за Ејч-би-о всушност работеше и на српскиот пазар, односно за „Минимакс телевизија“. Лилиќ вели дека му е драго што од Ејч-би-о одлучиле да донесат цртани филмови кои децата ќе може да ги слушаат на македонски јазик.


Дејан Лилиќ како Пожарникарот Сем

- Ова се точно лекторски одработени приказни со правилен изговор на нашиот македонски јазик. Го работат професионалци, не е само тукутака нахсинхронизирано. Баш се трудиме добро да ја завршиме работата. Чувствувам голема одговорност зашто тоа е нешто што ќе остане, нешто што ќе го гледаат и возрасните и младите и секако другите генерации што ќе дојдат – вели Лилиќ.
Лилиќ потенцира дека во неговиот живот има многу проекти на кои искрено им се радува, а некои ги работи професионално, но без ќеф, колку да се изработат. Нахсинхронизацијата на цртаните филмови спаѓа во првите.
- Многу сум радосен што се случува ова. Од финансиска гледна точка не ни е многу платено, но задоволството е многу големо. Не го гледам тој финансиски дел. Ние создаваме нешто на македонски јазик за многу генерации. Ова се убави и поучни цртани филмови, завршуваат со убава порака – објаснува Лилиќ.

Драгичевиќ-Пројковска нахсинхронизра со ќерка си

Билјана Драгичевиќ-Пројковска има неверојатен талент да го трансформира својот глас. Во цртаните филмови знае да биде сериозен возрасен човек, дете со врескав глас или куче без заби, односно познатиот Рабл од „Патролни шепи“.
- Навистина е радост да се нахсинхронизираат цртани филмови. Искуството го имам во последните десет години. Работевме за „Минимакс телевизија“ и тоа добро функционираше на српски јазик. Таму го збиравме искуството, а потоа дојде и овој ангажман на македонски јазик, што ни беше голема желба на сите. Ме радува што и во кината почнаа да даваат нахсинхронизирани цртани филмови на македонски јазик – вели Драгичевиќ-Пројковска.


Билјана Драгичевиќ-Пројковска како кучето Рабл во „Патролни шепи“

Таа објаснува дека е многу забавно додека работат, а времето поминато на снимање поминува многу брзо.
- Посебна подготовка нема, го вклучуваш талентот. Онаму каде што го употребуваш својот личен глас и не е толку комплицирано, ама таму каде што треба да дадеш нешто што ќе го обои ликот, не е толку едноставно. И ќерка ми нахсинхронизира. Во „Патролни шепи“ таа е Маршал, јас сум Рабл, па со особено задоволство работиме заедно – објаснува таа.

Конеска-Руси: Поистрајно во битката за зачувување на македонскиот јазик

Актерката Снежана Конеска-Руси е доајенот на македонската нахсинхронизација на детски цртани филмови. Таа има огромно искуство на ова поле. За Факултети.мк вели дека ова е вистинскиот пат да се научи македонскиот литературен јазик, но со актери што го негуваат и го практикуваат чистиот македонски јазик.
- Ако во образованието не се употребува и образовниот кадар не го говори, како да очекуваме учениците да зборуваат македонски литературен јазик. И тоа во време кога е загрозен македонскиот јазик во својата сопствена држава, мора подостоинствено и поистрајно да ја водите таа битка. На сите полиња – вели Конеска-Руси.


Снежана Конеска-Руси како градоначалничката Медисон

Таа е всушност уметнички директор и е одговорна за кастинзите на актерите што нахсинхронизираат цртани филмови на македонски јазик. Објаснува дека гласовите на актерите мора да се блиски до оригиналот, но и дека веќе се добро уиграна екипа. Конеска Руси вели дека е добро што децата сега веќе имаат избор од многу нахсинхронизирани цртани филмови, како од времето на МТВ кога постоел друг систем, но кој одлично функционирал.
- Има голем наплив на содржини на англиски јазик, па децата од мала возраст се насочуваат само тоа да го гледаат. Затоа, важна е нашата улога како возрасни да ги насочиме кон нашиот јазик. Овие нахсинхронизирани цртани нека бидат првиот чекор – вели Конеска-Руси.
Таа во својата кариера има нахсинхронизирано стотици цртани ликови. Сега е позната како градоначалничката Медисон во „Боб Градителот“, прасето Сакам од „Ура за Хакл“, другарката на Марта од „Марта кучето што зборува“.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот