~ Облаците беа раздвижени. Во молчаливата ноќ речиси можеше да се чуе бучавата што итајќи ја создаваа. Зошто сме тука? Каква смисла може да има нашата бескрајно кратка присутност? Прашање без одговор, на кое сепак без ронка размислување спонтано одговорив, без да поцрвенам поради тоа што искажав толку прославена баналност: „За да се мачиме што сме тука и за ништо друго“.
~ Да ми кажеа порано дека моите моменти ќе ме напуштат како и сè друго, не би почувствувал ни страв, ни тага, ни радост. Ненарушена отсутност. Секој личен акцент имаше исчезнато од она за кое сè уште верував дека го чувствувам, но, за волја на вистината, повеќе ништо не чувствував, живеев без осет, а сепак не бев жив мртовец – и тоа како бев во животот, но онака како што ретко се случува, како што се случува само еднаш.
~ Да се постапува како пустинските татковци и покрај тоа да се допушти да нè возбудат последните вести! Во првите векови од нашата ера би им припаѓал на овие пустиници за кои се вели дека се „умориле од потрагата по Бога“.
~ Овде нека не влегува никој што барем еден ден поминал под закрилата на глупоста.
~ Нашето место е негде помеѓу битието и небитието, помеѓу две фикции.
~ Нема поразорувачки и поутешителни мисли од мислите за смртта. Несомнено, поради ова двојно својство ние ја преџвакуваме до таа мера што не можеме да се ослободиме од неа. Толку имаме среќа што во ист момент наидуваме на отров и на лек, на откритие кое нè убива и нè одржува во живот, на поткреплив отров.
~ За да достигнеме искупување, треба да веруваме дека сè е стварно или дека ништо не е стварно. Меѓутоа, ние разликуваме само степени на стварноста – нештата ни изгледаат повеќе или помалку вистинити, помалку или повеќе постојни. И така, никогаш не знаеме каде сме.
~ Да се издигнеме до највисоката безначајност од која произлегува второстепената безначајност што нè сочинува.
~ Секој минува низ својата прометејска криза и сè што прави се сведува на тоа со истото да се восхитува или од тоа да се жали.
~ Оние моменти кога е доволен само еден спомен, или нешто уште помало, па да се лизнеме надвор од светот.
~ Наликуваме на тркач кој застанал во екот на трката за да се обиде да сфати каква смисла има таа. Размислувањето е знак на задишаност.
~ За
умирање е неопходна неизмерна понизност. Чудно е што сите докажуваат дека се понизни.