Репортажа на
хравтски Глобус за егзодусот на Хрватите во Германија
Околу три часот после полноќ улиците на Минхен се мистериозни празни. Низ прозорците на автобусот мрзеливо капат капки од дожд, а брисачите не престануваат да работат со часови. Дождот започна да паѓа уште од Словенија. Поради работата на патиштата, младиот возач Саша бара обиколни патишта. Не може да ѝ верува на автоматската навигација.
Повеќето патници спијат. Се слуша само една средовечна жена во вториот ред како зборува, се префрла од една на друга тема, убедена дека го пронашла совршениот соговорник кој го запозна неколку часа пред Љубљана, каде се качи на автобусот. Таа не гледа дека тој не покажува многу голем интерес за нејзината приказна. На секои неколку минути тој нешто кажува, што неа ја поттикнува и понатаму да зборува.
Дамир Пајтел гледа низ прозорецот. Прв пат оди во Минхен. Погледот му бега кон прекрасниот салон на Мерцедес чиј излог го збогатуваат пет или шест најнови модели кои претставуваат симбол на германското богатство. А најбогатиот германски град е место каде Дамир ќе слезе после 15 часа возење откако во Осиек се качи на автобус откако го испрати сопругата со двете ќерки на возраст од 3 и 6 години. Тој купи билет во еден правец и не знае кога ќе се врати во Славонија.
Сега размислува како да го фати возот или автобусот за градот чие име не може да го запомни. Погледнува на ливчето на кое го запиша - Инглоштад. На интернет пронајде податоци дека во 5 часот има воз, а можеби пред тоа поминува некој автобус. Термометарот во автобусот покажува дека надвор е 13 степени. Во Инглоштад Дамир за некој час треба да се сретне со работодавец, кој инаку е Хрват и има агенција преку која вработува работници во градежништво.
Додека автобусот вози, Дамир Пајтел раскажува дека има 36 години и живее во Нашице. Завршил основно училиште и работел разни работи но во последните неколку години работел во претпријатие за градежништво која се занимавала со одржување на железничките линии. Кон крајот на минатата година, договорот му истекол и од тогаш нема работа. Со платата на неговата сопруга од 4.000 куни немало пристоен живот, доколку се додадат трошоците околу нивните деца.
„Најдов работа и бегам во Германија. Во агенцијата ми кажаа дека ќе работам како ѕидар и дека не морам да знам германски јазик. Нашиот човек од агенцијата рече дека ќе ми обезбеди сместување и ќе ми ги среди сите документи. Ќе бидам сместен со уште еден Хрват. Ми рече дека ќе заработувам 12 евра нето на час и дека месечно тоа се околу 2.000 евра, од што 400 евра ќе одат за станот. Слушнав дека храната не е скапа па сметам дека ќе можам да заштедам околу 1.000 евра. Ако се' биде како што треба, би сакал да останам во Германија па со текот на времето да ги повлечам децата и сопругата. Пред 15 години во Германија работев на црно. Не е прв пат да одам во оваа земја. Тешко ми е што ја напуштам сопругата и децата, а нив им е уште потешко. Но што можам да направам кога кај нас нема работа. Ми нудеа да работам за мизерни 18 куни на час. Можеби во Загреб би заработувал подобро, но кога веќе заминувам, одам во странство. Сакам подобар живот“, вели Дамир кој и претходно работел далеку од неговиот дом.
Свесен е дека во Германија нема да има постојана работа и дека секој момент може да добие отказ. Но дури и да не успее, барем нема што да изгуби, а ќе стекне ново искуство. „Веројанто ќе соберам 200 куни за карта за автобус. Се слушнав со еден човек од Загреб кој работи за истата компанија во Германија и тој вели дека му е добро, и затоа не треба да се грижам, затоа што плаќаат добро. Се надевам дека и мене ќе ми биде добро“, вели Дамир.
На автобуската станица Јања Лукаќ го испраќа нејзиниот сон
Винко Мијиќ кој патува кај неговиот чичко Бенџамин во Улм со надеж дека таму ќе пронајде работа. И двата се тажни, но мајката заклучува дека за нејзиниот син подобро би било да оди во Германија и да работи таму, отколку да седи дома.
„Веќе испратив CV на некои компании во Германија, а се надевам и дека чичко ми малку ќе ми помогне. Сум бил во Германија неколку пати туристички и навистина ми се допаѓа земјата, а со јазикот се снаоѓам одлично бидејќи го учев на училиште. Би сакал дополнително да се едуцирам за некоја техничка професија. Не размислувам за големи пари туку желба ми е да заработувам за нормален живот, а мислам дека не е нормално шест дена во неделата да работам по 10 часа и за тоа да земам 3.000 куни, како мојата последна работа во Хрватска“, открива Мијиќ кој наполни 26 години. Две недели пред да замине во Германија добил отказ од компанијата каде работел. Завршил средно механичко-техничко училиште но никогаш не работел по струката, туку се' и сешто.
41 годишниот Јосип Ќурковиќ од Задар има сопруга и близнаци на возраст од 12 години. По професија е водоинсталер. Од 1998 до 2003 година работел во Њујорк, а после тоа во Задар, меѓутоа последните години имало се' помалку работа, па минатата година одлучил да работи во Германија за една хрватска компанија.
„Не е лошо. Компанијата го плаќа сместувањето во хотелска соба која ја делам со уште двајца колеги од Хрватска. Успевам на сопругата месечно да ѝ испратам 1.500 евра. Живеам скромно, внимавам на секој цент, не одам во ресторани, и секој ден работам од 10 до 11 часа. Слободен сум во недела кога во Германија не работи ништо, па нема на што да се трошат пари. На секои 30 дена имам 7 слободни дена па одам дома во Задар. Не знам до кога вака. Во Германија се потребни работници од сите професии во градежништво, а не гледам дека ситуацијата во Хрватска ќе се промени. Не се каам што заминав. Во Германија има многу наши луѓе. Каде и да се свртиш, ќе го слушнеш нашиот јазик“, вели тој.
Линк до целата репортажа