Зимата на северот од Земјата беше опасна оваа година. На Арктикот само што заврши најтоплата зима што е некогаш забележана. Исто така, морскиот мраз е на рекордно ниско ниво кога станува збор за овој период од годината, па има доста вода на места каде што океанската вода обично се претвора во тенки слоеви мраз, покажуваат новите
податоци.
Фото: Daily Mail
Научниците велат дека она што се случува е невидено и е дел од циклусот воден од глобалното затоплување, за кој е многу веројатно дека игра улога во силните ледени бури во Европа и на североистокот од САД.
- Ова се луди работи. Овие топлотни бранови, никогаш не сум видел вакво нешто - вели Марк Серезе, директор на Националниот центар за податоци за снег и мраз во Бултер, Колорадо, кој го проучува Арктикот од 1982 година.
Невообичаено топлото време предизвикало станицата што е најблиску до Северниот Пол во текот на февруари да мине повеќе од 60 часа на температура повисока од онаа на која водата се замрзнува. Мерењата од претходните години покажуваат дека температурата кај оваа станица во месецот февруари само двапати била поголема од температурата на замрзнување на водата, и тоа било само накратко. Според Рут Мотрам, климатолошки научник во данскиот Метеоролошки институт, минатомесечните рекордно високи температури кај ’ртот Морис Џесуп биле слични на оние од мај.
Но, не станува збор за само едно место. Во Арктичкиот круг во Бароу, Алјаска, февруари беше за 10 Целзиусови степени потопол од вообичаено, додека целата зима беше во просек 7,8 степени над нормалата. Од околу 30 различни арктички метеоролошки станици, 15 измериле најмалку 5,6 степени над нормалата за зимата, покажуваат податоците на климатологот Брајан Бретшнајдер од Меѓународниот центар за истражување на Арктикот при Универзитетот во Фербенкс.
Метеоролозите ги сметаат декември, јануари и февруари за зима. Арктичките мерни станици измериле дека температурата била во просек за 11 степени повисока од нормалата за февруари. Во февруари, арктичкиот морски мраз покривал 13,9 милиони квадратни километри, што е за околу 160.000 квадратни километри помалку од минатогодишното рекордно ниско ниво. Покриеноста со мраз исто така била околу 1,4 милион квадратни километри под 30-годишната нормала. Морскиот мраз е заледена океанска вода која, за разлика од глечерите и карпите мраз, се формира, расте и се топи во океанот.
- Сè уште расте, но што и да растеме сега, тоа ќе биде нешто тенко кое лесно ќе се стопи налето - вели Серезе.
Мотрам забележува дека во близина на Гренланд топлиот воздух се придвижил кон север над дел од Атлантикот кој вообичаено е заледен. Слично нешто се случуваше во Пацификот со водата од Беринговото Море, која вообичаено е заледена, објаснува научникот Валт Меиер. Според него, необично е ова да се случува истовремено на двете страни од Арктикот. Тој смета дека климатските промени се клучниот фактор за ова.
- Преку зима морскиот лед дејствува како капаче кое ја задржува топлината од водата, но кога има помалку лед, повеќе топлина оди во воздухот. На крајот имате циклус на топол воздух кој не дозволува формирање на морски лед и недостиг од морски лед кој дозволува топлината да избега во воздухот - објаснува Бретшнајдер.