Сè попопуларните производи како плескавици и колбаси од растително потекло, познати како „лажно месо“, би можеле да бидат поврзани со поголем ризик од појава на депресија, посочува новото истражување објавено во научното списание „Фуд фронтиерс“.
Студијата покажала дека луѓето што ги консумираат овие замени за месо имаат 42 отсто поголеми шанси да развијат симптоми на депресија во споредба со оние што не ги јадат. Истражувачите од Универзитетот во Сари ги анализирале податоците од „Биобанк“ во Велика Британија, голема здравствена база на податоци со повеќе од 500.000 учесници. Во оваа студија учествувале 3.342 вегетаријанци, од кои две третини биле жени.
Резултатите покажале дека вегетаријанците што консумираат ултрапреработени производи како лажно месо, имаат повисок крвен притисок и повисоки нивоа на Ц-реактивен протеин, маркер за воспаление во телото. Тие, исто така, имаа пониски нивоа на аполипопротеин А, соединение поврзано со „добриот“ холестерол.
Иако замените за месо се поврзани со овие негативни здравствени исходи, студијата открила и позитивна страна: луѓето што консумирале лажно месо имале 40 отсто помал ризик од синдром на нервозно дебело црево.
Истражувачите веруваат дека врската помеѓу консумирањето лажно месо и депресијата може да се должи на зголеменото воспаление во телото. Воспалението може да влијае врз нивото на мозочните хемикалии одговорни за доброто расположение, но потребни се повеќе истражувања за да се потврди оваа причина.
- Општите резултати се охрабрувачки и сугерираат дека замените за месо може да бидат сигурен извор кога се дел од балансирана исхрана. Меѓутоа, потенцијалната поврзаност на овие производи со воспалението и депресијата бара понатамошно истражување - изјавила професорката Нофар Геифман од Универзитетот во Сари и креаторка на студијата.
- Ултраобработените замени за месо може да им помогнат на луѓето ефективно да преминат на вегетаријанска исхрана, што е корисно за одржливите земјоделски практики. Сепак, потребни се надолжни истражувања за подобро да се разбере оваа асоцијација - додал нејзиниот колега, професор Ентони Ветон од Факултетот за ветеринарна медицина при универзитетот.
Оваа студија се надоврзува на претходно истражување на меѓународна група научници, кои го поврзуваат консумирањето на ултраобработена вегетаријанска храна со поголем ризик од срцеви и мозочни удари. Луѓето што редовно консумирале ултраобработена растителна храна имале: 15% поголем ризик од срцев и мозочен удар, 7% поголеми шанси да развијат состојби како блокада на крвните садови, 15% повисока стапка на смртност во споредба со вегетаријанците што јаделе помалку такви производи.
Спротивно на тоа, 10 отсто зголемување на внесот на непреработена растителна храна, како свежо овошје и зеленчук, е поврзано со 8 отсто помал ризик од срцеви заболувања.
Со наближувањето на јануари и сè попопуларниот предизвик „Вегануари“, во кој околу 700.000 луѓе годишно одлучуваат да го исфрлат месото од нивната исхрана, побарувачката за замени за месо значително расте. Продавниците веќе најавуваат специјални понуди и нови производи за да одговорат на зголемената побарувачка. Иако производите како лажното месо се погодни за транзиција кон вегетаријанство, експертите предупредуваат на умереноста и важноста на балансираната исхрана. Индустриските адитиви и загадувачи во ултраобработената храна може да предизвикаат оксидативен стрес и воспаление, потенцијално придонесувајќи за проблеми со срцето и лошо расположение.
Како заклучок, иако лажното месо може да биде практично и одржливо решение, потрошувачите треба да бидат свесни за потенцијалните здравствени ризици и да работат на балансирање на нивната исхрана со свежа и непреработена храна.
Извор: klik.hr
Фото: Freepik