Мате Римац го претстави својот нов хиперавтомобил Concept Two. Со една полна батерија тој може да помине 659 километри, забрзува до 300 километри на час за 11,8 секунди, има 1.914 коњски сили, а ќе бидат произведени само 150 такви автомобили. Медиумите што ја следат автомобилската индустрија предвидуваат дека болидот на
Римац ќе го надмине Roadster на „Тесла“. Од друга страна, многумина го критикуваа затоа што станува збор за автомобил кој ќе можат да си го дозволат само најбогатите. Имено, се очекува Concept one да чини 1,7 милион евра.
Фото: Net.hr
Римац истакна дека тој и неговата екипа се многу горди на она што е направено и дека нема место за одмор по ова затоа што има уште многу работа. Concept Two предизвика голем интерес, а Римац вели дека е задоволен затоа што на презентирањето била целата автоиндустрија и директорите на големите автомобилски компании. Иако е тешко да се надмине Concept One, Римац вели дека неговата цел била со Concept Two да ги помести границите на возможното. Тој додаде дека тоа не е автомобил за одење кај баба, но дека сепак сакал да направи да може да се користи и така.
- Со сите тие перформанси, сепак сакавме тоа да биде автомобил кој ќе може да се искористи. Ова не е автомобил со кој ќе одите до кај баба ви, но има голема врата и лесно е да се влезе и излезе, има доста простор и голем багажник за оваа категорија автомобили. Сакавме нешто што е навистина корисно, не да стои во гаража како дел од колекцијата, туку луѓето навистина да сакаат да го возат и да им биде удобно возењето. Плус, целата таа технологија што е внатре - препознавање на лица, не е потребен клуч, освен камера, шест радари, подготвен е за автономно возење, сето тоа е можно. Навистина мислиме дека ги поместивме границите во технолошка смисла - објасни Римац.
Фото: 24sata.hr
Според него, купувачите на автомобилот се од различен профил. Некои веќе имаат повеќе скапоцени автомобили, па го сакаат и овој, други се само фасцинирани од Concept Two.
- Имаме и купувачи кои никогаш во животот не купиле спортски автомобил, веројатно сакаат електрични автомобили и можеби претходно возеле Nissan Leaf, или автомобилите воопшто не им се интересни, но имаат пари и се фасцинирани од автомобилот, од приказната за него и компанијата, па сакаат да станат дел од тоа. Луѓето обично не купуваат само автомобил, туку секој купувач доаѓа кај нас, разговара со инженерите, развојниот тим, минува низ компанијата да види како се произведува неговиот автомобил. Стануваат дел од таа приказна и дел од фамилијата. На некој начин профилот на купувачите е сосема различен, од колекционери до оние што никогаш немале спортски автомобил - истакна Римац.
Фото: 24sata.hr
Со оглед на тоа дека компанијата „Римац автомобили“ направи толку фасцинантен автомобил, многумина се прашуваат зошто не произведува и автомобили за широките маси. Римац објасни дека и да произведуваа такви автомобили, тие би биле прескапи за Хрватите и за Балканците.
- Ние сме најдобри во она што го работиме, а тоа се спортски автомобили. Ова е исто како да одите во „Ферари“ и да поставите прашање зошто не произведуваат автомобили за широката јавност. Невозможно е да се произведе таков автомобил, барем за нас. Невозможно е да ги набавиме потребните делови, како стакло и гуми, по цени кои би биле поисплатливи кога би се занимавале со производство на автомобили за просечните Хрвати. Дури и C Two беше животен предизвик за целата компанија, а одењето чекор понатаму и говорењето за поевтини автомобили за нас е сосема нереално. Постојат такви автомобили и ќе постојат уште повеќе, но во тие случаи станува збор за огромни вложувања во таквите компании. Би ни требале уште илјадници вработени, милијарди евра инвестиција, друга локација на фабриката. Исто така, ние го сакаме она што го работиме и продолжуваме во оваа насока - рече Римац.
Тој ја повтори шегата на сметка на Ричард Хамонд, кој доживеа несреќа во Concept One во Швајцарија откако автомобилот се запали. За среќа, тој успеа навреме да излезе, па помина само со повредени колена, а Римац се пошегува велејќи дека во Concept Two е вметнат противпожарен апарат со кој е приложена порака со содржина: „Во случај на опасност од пожар, користете противпожарен апарат“.
- Има уште неколку пораки што потсетуваат на тоа што се случи. Многу луѓе ми велат дека тоа е најдоброто нешто што се случило зашто ја однесе приказната во целиот свет. Но, поубаво ќе беше да не се случеше. Ми одзеде десет години од животот во тој момент - рече Римац.