„Римац невера“ веќе собори многу рекорди - од рекорди за забрзување и сопирање до поставување рекордно време на круг на патеката Нирбургринг, а сега овој автомобил официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди. Соборен е рекордот за возење рикверц.
Автомобилот го собори рекордот за возење рикверц со најголема брзина од 275,74 километри на час пред еден месец, а рекордот е потврден и официјално признаен.
Од „Римац“ објаснија која е предноста на „невера“ во споредба со автомобилите со внатрешно согорување, но и со некои електрични автомобили. Имено, погонот на „невера“ нема брзина - четири индивидуални мотори одат или наназад или напред. Ова значи дека истиот погонски агрегат способен за брзо забрзување може да испорача импресивни перформанси и во рикверц.
За време на развојот на автомобилот, тимот од хрватската автомобилска компанија се шегувал за можноста автомобилот да биде најбрз во светот во возење наназад, открива главниот инженер Матија Рениќ.
- Аеродинамиката, ладењето и стабилноста не се развиени за брзо враќање назад. Но, тогаш почнавме да зборуваме за тоа колку би било забавно да се обидеме. Нашите симулации покажаа дека можеме да постигнеме повеќе од 200 километри на час, но немавме поим колку тоа би било стабилно - тоа беше непозната територија - објаснува Рениќ.
Тест-возачот Горан Дрндак, исто така, го опиша впечатокот за соборувањето на рекордот.
- За време на вистинското возење, ми требаше малку време да се навикнам. Свртени сте наназад, а чувствувате дека вратот ви е повлечен нанапред - речиси истото чувство што би го добиле при силно сопирање. Внимателно го движите воланот, внимавајќи да не ја нарушите рамнотежата, внимавате на траекторијата и сопирате притоа внимавајќи на брзината - вели Дрндак.
Извор:
Zimo
Насловна фотографија:
Rimac