Тестирањата со ултразвук во текот на бременоста се многу чести, па научниците решија да испитаат дали дијагностицирањето на спектар аутистични нарушувања е поверојатно кај децата што биле изложени на оваа технологија додека биле во утробата на мајката. Нема поврзаност меѓу бројот или траењето на ултразвуците и подоцнежното дијагностицирање аутизам кај детето, покажува најновата студија објавена во медицинскиот весник „ЈАМА Педијатрикс“. Сепак, истражувачите нашле статистичка врска меѓу длабоката пенетрација на брановите на
ултразвукот за време на првото и второто тримесечје и аутизмот.
Фото: Pixabay
- Длабочината на пенетрацијата е поврзана со растојанието меѓу ултразвук трансдукторот на кожата и точката што ја гледате - истакнува Џоди Абот, коавтор на новата студија и физичар при Медицинскиот центар во Бостон.
Според лекарот Жак Абрамович, кој е раководител на комитетот за безбедност при Светската федерација за ултразвук во медицината и биологијата, длабочината е најдалечната точка до која стига ултразвукот.
- Нема врска со тоа каде е фетусот и неговите делови. Длабочината би можела да покажува 20 сантиметри, а фетусот да е на 12 сантиметри - вели тој.
Абрамович не учествуваше во новото истражување.
Апсорпцијата на бранот кој патува низ ткивото се зголемува со фреквенцијата, па колку е повисока фреквенцијата, толку поплитко пенетрира ултразвукот, според Журналот за ултразвук во медицината. Ултразвук-технологијата му дава на техничарот одредена слобода во приспособувањето на фреквенцијата за да добие подобра слика од фетусот. Според Абот, длабочината на пенетрацијата варира врз основа на големината на жената и количината на ткиво што таа го има на стомакот, а кое се наоѓа меѓу трансдукторот и фетусот. Таа додава дека ова не е нешто што жената би можела да го контролира.
Лекарот Н.Пол Росман, првиот автор на студијата и педијатриски невролог во Медицинскиот центар во Бостон, нагласува дека поврзувањето не докажува причина и ефект. Според тоа, резултатите од студијата не значат дека ултразвукот предизвикува аутизам.
- Мислиме дека оваа студија беше направена добро, но има недостатоци и затоа повикуваме на дополнителни студии - вели Росман.
Други истражувачи велат дека методологијата на студијата не била доволно ригорозна за да даде цврсти заклучоци.
Околу 30 отсто од луѓето со аутизам имаат дефинирана генска абнормалност, додека 20 отсто од случаите се поради препознатливи болести, како на пример кога мајката ќе добие рубеола за време на бременоста, објаснува Росман. Тој додава дека за останатите 50 отсто од случаите не е утврдена причина. Во текот на изминатите неколку децении распространетоста на аутизмот растеше. Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, аутизмот е присутен кај едно од 68 лица. Во текот на истите неколку децении трудните жени биле на зголемен број тестови со ултразвук. Некои изминати истражувања сугерираа, но не докажаа дека аутизмот може да се поврзе со честите пренатални тестирања со ултразвук. За да го испитаат ова, истражувачите од бостонскиот Медицински центар ги разгледале медицинските досиеја на 420 деца, од кои кај 107 бил дијагностициран аутизам. Истражувачите ги разгледале сонограмите на секое дете со аутизам и ги споредиле тие слики со оние на две деца што се развивале нормално и со слики од едно дете кое се развива побавно. Кај групата со аутизам не била забележана поголема фреквенција на пренатални ултразвуци. Децата со аутизам просечно биле скенирани по 5,9 пати, процениле истражувачите. Децата што се развивале нормално просечно биле скенирани 6,3 пати, додека децата што побавно се развивале, 6,1 пати. Групата со аутизам исто така не била изложена на подолги сесии со ултразвук. Споредено со групата деца што се развивале нормално, децата со аутизам биле на пократка изложеност на ултразвук во текот на првото и второто тримесечје.
- И покрај зголемениот број ултразвуци со текот на годините, загрижувачките резултати од минатото не се докажаа во студијата - рече Абот.
Сепак, била забележана една важна разлика меѓу групите деца: просекот на длабочината на пенетрирањето на ултразвукот бил поголем од оној кај децата што нормално се развиваат. Тоа било забележано во текот и на првото (12,5 наспроти 11,6 сантиметри) и на второто тримесечје (12,9 наспроти 12,5 сантиметри). Според авторите на студијата, овие разлики се статистички важни. Слично на тоа, длабочината на пенетрацијата во првото тримесечје за групата со аутизам била поголема од онаа кај групата што се развивала побавно (12,5 наспроти 11,6 сантиметри).
Росман им предложи на читателите критички да се осврнат на студијата. Тој и неговите колеги не испитале повеќе фактори кои можеби влијаеле врз детето додека било во утробата, вклучително дали жената била болна или дали пушела за време на бременоста. Тој додаде дека е неопходно да се направат уште испитувања за да се верификуваат новите пронајдоци. Ако идните истражувања ги потврдат овие резултати, тој има теорија зошто ултразвуците и аутизмот можеби се поврзани: тоа е поврзано со феталното развивање на мозокот.
- Клетките со чија помош расте мозокот потекнуваат длабоко од мозокот и мигрираат нанадвор за да формираат зрел церебрален кортекс. Тие го прават ова на уреден начин - една генерација клетки по друга - вели тој.
Росман објаснува дека ако брановите на ултразвукот пенетрираат длабоко, тие може да ги попречат клетките кои се длабоко во мозокот и потенцијално да ја нарушат нивната миграција нанадвор. Други научници велат дека бремените жени не треба да се плашат од медицински неопходниот ултразвук.
Марвин Зискин, професор по радиологија и медицинска физика при Универзитетот „Темпл“, истакнува дека, за жал, авторите како да не знаат што се мисли со длабочина на пенетрација на ултразвукот.
- Тоа не е поврзано со количината ултразвук кој влегува во телото. Факторите што ја одредуваат количината на ултразвук што влегува во телото и би го погодила фетусот се механичкиот индекс, термалниот индекс и моќта и интензитетот на ултразвукот, за кои не се пронајдени значителни разлики. Количината на ултразвук што влегла во бремените жени не е поврзана со спектарот на аутистични нарушувања - вели Зискин, кој не учествувал во студијата.
Абрамович исто така рече дека методологијата на студијата е погрешна.
- Додека ултразвукот пенетрира низ ткивата, тој губи енергија. Разликата меѓу групите деца е минимална во однос на длабочината. И клинички не е значајна - вели тој.
Абрамович додава дека тимот ретроспективно ги истражувал скеновите и не бил присутен кога тие се правеле, што е уште една маана. Тие не би можеле да знаат колку долго траел ултразвукот врз основа на печатите на првиот и последниот сонограм од сесијата. Можеби имало половина час скенирање пред техничарот да ја направи првата слика и уште половина час скенирање откако сликата била направена, објаснува тој. Според Абрамович, најновите машини се програмирани да останат во параметри безбедни за фетусот.
На крајот авторите тврдат дека технологијата на ултразвукот е минимално регулирана, но Абрамович го тврди спротивното и вели дека таа е екстремно регулирана, особено во САД. Тој вели дека секој пациент чие тестирање со ултразвук е направено од страна на квалификуван медицински техничар е безбедно.
Томас Фрејзер од организацијата „Аутизм Спикс“ вели дека новата студија не дава доволно докази за да се даде препорака за или против ултразвук. Тој додава дека дури и ако длабочината на ултразвукот некако го зголемува ризикот од аутизам, тоа најверојатно би било мало зголемување на ризикот и аутизмот не би бил баш поради ултразвукот во повеќето случаи.