X
 12.03.2018 Образование

Во Косово денес нема настава!

Сите образовни институции во Косово денес штрајкуваат. Настава нема да се одржува ниту во основните, ниту во средните училишта, ниту пак на универзитетите.


Фото: Lajmi.net

Ова е трет штрајк во неколку недели организиран од страна на косовскиот Обединет синдикат за образование, наука и култура. Синдикатот бара нацрт-законот за статусот на просветните работници од 90-ите години да биде испратен во Парламент. Сепак, владата нема предвидено пари од буџетот за овој нацрт-закон.

Претседателот на Синдикатот, Рахман Јашарај, најави и штрајк на неопределен период кој би започнал од 13 април, ако владата нема слух за нивните барања. Косовската влада побара време од синдкатот, а Министерството за финансии истакна дека во моментот нема финансии за имплементирање на барањата. Од Министерството за образование, пак, истакнаа дека тие на време го испратиле нацрт-законот во владата.

-Министерството за образование, наука и технологија на време го процесираше до владата нацрт-законот за статусот на просветните работници во периодот од 1990 до 1999 година - истакнаа од министерството.

Оттаму додаваат и дека тие биле во постојана комуникација со Синдикатот и го информирале дека се заинтересирани што побрзо нацрт-законот да биде ставен на вистинскиот пат. Според Министерството, овој штрајк е неоснован.

Синдикатот и минатиот месец одржа вакви штрајкови. На 14 февруари се одржа едночасовен, додека на 20 февруари двочасовен штрајк. Тие имаат и други барања за кои разговараа со косовскиот премиер и надлежните министри.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование