X
 10.11.2021 Образование

Во Косово има над 20 илјади невалидни дипломи од приватни факултети

Повеќе од 20 илјади дипломи од приватни факултети во Косово се невалидни, истакна Кумрије Гагица од косовскиот Национален центар за академско признавање и информации. Причината за тоа е надминувањето на бројот на студенти на приватните колеџи над одлуките на Државниот совет за квалитет.

Гагица истакна дека бројот се менувал од година на година, во зависност од бројот на примени студенти на приватните колеџи. Главната вина, според неа, е во недостигот на матична книга во косовското Министерство за образование. Таа додаде и дека центарот поднел извештај до Обвинителството за прекршоците на приватните факултети.

- Или ги немаат донесено матичните книги или биле без лиценци или акредитирани за други програми, а ви кажале дека се акредитирани за нешто друго. Може да се надмине бројот 20.000. Се плашам дека може да е поголем - истакнаа Кумрије.

Наим Гаши, директор на косовската Агенција за акредитација, истакна дека бројот на невалидни дипломи е алармантен, но појасни дека неговата агенција не е компетентна за контролирањето на одредувањето на квотите на високообразовните институции.

Гаши додаде дека го известил поранешниот косовски премиер Авдулах Хоти дека одредувањето на квотите не е во надлежност на агенцијата, туку на Министерството за образование.

- Улогата на агенцијата завршува кога ќе се предадат листите на студентите. Но, во нацрт-законот за агенцијата имаме одредено дека кога некоја високообразовна институција ги надминува квотите, треба да ѝ се одземе акредитацијата - појасни тој.

Гаши додаде и дека Министерството за образование на Косово треба да има предвид кога ќе се надминат квотите да се дејствува со одземање на лиценците, а нагласи дека кога тој ќе добие официјална информација дека некој факултет на некоја програма ја надминал квотата, ќе го проследи до Државниот совет за квалитет за автоматско повлекување на акредитацијата.

- Проблемот е поголем. Сите тие што ги направиле овие прекршоци имаат имиња и презимиња, имаат одредени позиции - рече тој.

Според Гаши, надминување на квотите има и на јавните универзитети во Косово и тој истакна дека некои поранешни министри одлучувале за зголемување на бројот на студенти без почитување на процедурите и дека нивните дипломи не се признати.

Во меѓувреме, Куштрим Велиу, студент на еден од приватните универзитети во Косово, раскажа дека бил измамен и останал без валидна диплома по тригодишните студии. Тој неодамна раскажа дека откако ги завршил додипломските студии на факултетот, на насоката ерготерапија, и откако две години работел како клинички асистент во истата институција, решил да оди на магистерски студии во Тирана, но таму разбрал дека матичната книга за генерацијата кога тој студирал воопшто не постоела во Министерството за образование.

- Студиите ги започнав во 2013 година и кога го правев изборот бев сигурен поради две причини: прво, дека е дефицитарна насока и второ, зашто телефонски се јавив во Агенцијата за акредитација и тие ме известија дека сите медицински насоки на овој колеџ се акредитирани. Во 2016 година ги завршив додипломските студии и се вработив како клинички асистент. Во 2018 година решив да ја напуштам работата и да го продолжам академскиот пат во Тирана, на логопедија. Неколку колеги таму ме информираа дека не може да се запишам ако немам апостил печат од Министерството за надворешни работи и дека, пред сè, треба да добијам печат од Министерството за образование. Во Министерството ми кажаа дека на факултетот треба да ми пополнат еден формулар. Отидов на факултет, го пополнивме формуларот и се вратив во Министерството и таму првпат дознав дека матичната книга за 2013/2014 воопшто не постои во таа институција - објасни Велиу.

Извор: Koha
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование