Речиси половина од миграциските видови во светот се во опаѓање, се вели во новиот извештај на Обединетите нации.
Многу песнопојни птици, морски желки, китови, ајкули и други животни преселници се преселуваат во различни средини како што се менуваат годишните времиња и се загрозени од губење на живеалиштата, нелегален лов и риболов, загадување и климатски промени.
На околу 44 отсто од преселните видови во светот им се намалува популацијата, покажал извештајот. На повеќе од една петтина од речиси 1.200 видови кои ги надгледува ООН им се заканува истребување.
- Ова се видови кои се движат низ целиот свет. Тие се движат за да се хранат и да се размножуваат, а исто така им требаат места за застанување на патот - вели Кели Малш, главен автор на извештајот објавен на конференцијата на ОН за дивиот свет, во Самарканд, Узбекистан.
Губењето на живеалиштата или други закани во кој било момент од нивното патување, може да доведат до намалување на популацијата.
- Миграцијата е неопходна за некои видови. Ако се прекине миграцијата, ќе ги снема видовите - истакнал Стјуарт Пим, екологист од Универзитетот „Дјук“.
Извештајот се базира на постојните податоци, вклучително и информации од Црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата, која следи дали некој вид е загрозен. Учесниците на состанокот на ОН имаат во план да ги оценат предлозите за мерки за заштита и, исто така, ќе разгледаат дали формално да наведат загриженост за неколку нови видови.
- Една земја сама не може да спаси ниту еден од овие видови - смета Сузан Либерман, потпретседател за меѓународна политика во непрофитното Здружение за заштита на дивиот свет.
Во 2022 година владите ветија дека ќе заштитат 30 отсто од копнените и водните ресурси на планетата, на Конференцијата на ОН за биолошка разновидност во Монтреал, Канада.
Извор: Phys.org
Фото: Pexels