Истражувачите од „Гугл“ и истражувачката организација „Верли лајф сајенс“ развиле нов систем кој е способен да предвидува веројатност од срцеви заболувања врз база на фотографија од мрежницата.
Предвидувањата на алгоритмот досега се приближно исти како досегашните методи, со тоа што новата метода е далеку понеинвазивна.
Дијагностицирањето и прогнозата на заболувањето преку прегледи на окото не се новост. Докторите често на тој начин уочуваат заболувања како дијабетес, многу висок крвен притисок, висок холестерол и некои видови канцер, пишува „
Бизнис инсајдер“.
Алгоритмот ги анализира фотографиите од очното дно, на кое се гледаат крвните садови на мрежницата.
Факторите што го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања се и возраста, крвниот притисок и полот. Преку анализа на очното дно, алгоритмот успева да ја дознае возраста на пациентот со маргина на грешка од три години, пушачкиот статус со 71 процент точност и речиси точен крвен притисок.
Кога истражувачите уочиле колку добро алгоритмот ги предвидува овие карактеристики, решиле да се обидат да му постават задача да ја предвиди веројатноста на срцев удар и шлог.
Истражувачите користеле база од 150 фотографии од мрежници чии сопственици доживеале напад по пет години од фотографирањето. Кога пред програмата ставиле една од фотографиите заедно со фотографија од мрежница на здрав човек, тој успевал да погоди какво кардиоваскуларно заболување ќе добие лицето со 70-процентна точност.
Стандардната процедура што се користи, а за која е потребен и примерок од крвта од пациентот, има прецизност од 72 проценти. Оваа бројка ја достигнува и алгоритмот, кога ќе му се дадат податоци за возраста, полот и тежината на пациентот.
Истражувачите сфатиле дека алгоритмот посветува посебно внимание на крвните садови кога предвидува срцеви заболувања. На тој начин, истражувањата како ова им помагаат на лекарите и на научниците да научат нешто повеќе за човечкото тело и да извлечат нови информации од веќе постојните податоци.
Кардиоваскуларните заболувања се водечка причина за смрт во светот, па помошта што ја обезбедуваат интелигентните машини и тоа како е добредојдена во борбата против нив.