X
 25.05.2021 Живот

Писмо од Ајнштајн од пред 70 години дава необично предвидување

Уште од почетокот на електронската ера, никогаш не било полесно истражувачите да комуницираат со пошироката јавност и да добијат пристап до драгоцени ресурси кои инаку би биле недостапни.

Ова е совршено илустрирано во непознатото писмо напишано во 1949 година од Алберт Ајнштајн. Во него математичарот и физичар дискутира за пчели, птици и за тоа дали новите принципи на физиката можат да произлезат од проучувањето на животинските сетила.

На ова предвидување првпат јавноста наиде во 2019 година, откако Џудит Дејвис, пензионерка која живее во Велика Британија, прочитала за математичките способности на пчелите. Таа имала писмо старо 72 години, кое Ајнштајн му го испратил на нејзиниот сопруг Глин Дејвис. Писмото од Ајнштајн е потврдено од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, каде што Ајнштајн ги оставил неговите записи и писма.

Ајнштајн бил еден од најголемите мислители на 20 век како и одличен комуникатор. Неговата фантазија помогнала во обликувањето на многу технологии кои ја дефинираат информатичката ера денес. На пример, Теоријата за релативноста на Ајнштајн управува со структурата на универзумот од големи размери, што пак овозможува корекции за Џи-пи-ес системот што се користи на нашите паметни телефони.

Во 1921 година Ајнштајн доби Нобелова награда за неговиот труд за фотоелектричен ефект. Овој ефект опишува како светлината може да ги отстрани електроните од атомите - принцип што ја поткрепува работата на денешните соларни ќелии.

1
Фото: Wikipedia

Во 1933 година Ајнштајн ја напуштил Германија за да работи на Универзитетот „Принстон“ во САД. Тука се задржал до април 1949 година, каде што го запознал научникот Карл фон Фриш на предавање.

Карл бил во посета на „Принстон“ за да го претстави своето ново истражување за тоа како пчелите полесно се движат користејќи ги моделите на поларизација на светлината на небото. Тој ги искористил овие информации за да го „преведе“ танцувачкиот јазик на пчелите, за што на крајот освоил и Нобелова награда.

По еден ден откако Ајнштајн присуствувал на предавањето на Карл, двајцата истражувачи имале приватна средба. Иако таа не била официјално документирана, неодамна откриеното писмо од Ајнштајн дава увид во она за што тие дискутирале.

Однесување на животните од перспектива на физичар

Постои сомнеж дека писмото на Ајнштајн е одговор на барањето што го добил од Глин Дејвис. Во 1942 година, додека беснеела Втората светска војна, Дејвис ѝ се приклучил на британската кралска морнарица. Тој одел на обука како инженер и истражувал теми, вклучително и употреба на радарот за откривање бродови и авиони. Оваа технологија се чувала во голема тајност во тоа време.

pismo
Фото:  J Comp Physiol A / The Hebrew University of Jerusalem

Сосема случајно, откривањето на „би-сонар“ кај лилјаците им покажало на луѓето дека животните може да имаат различни сетила. Додека секоја претходна преписка од Дејвис до Ајнштајн се чини изгубена, архивите на вести покажуваат дека тие разговарале за тоа како пчелите користат поларизирана светлина за навигација. Токму тоа го поттикнало Дејвис да му напише писмо на Ајнштајн. Исто така, првичното писмо на Дејвис до Ајнштајн веројатно ги споменувало и пчелите и Фриш затоа што Ајнштајн одговори: - Добро запознаен сум со восхитувачката истрага на господин Фриш.

Се чини дека идеите на Фриш за сетилната перцепција на пчелите останале во мислите на Ајнштајн, откако двајцата научници се сретнале во „Принстон“ шест месеци порано.

Во своето писмо до Дејвис, Ајнштајн посочува дека за пчелите да го прошират знаењето за физиката, потребно е да се набљудуваат нови видови на однесување. Преку неговото пишување е јасно дека Ајнштајн предвидува нови откритија што би доаѓале со проучување на однесувањето на животните.

- Проучувањето на птиците преселници и на гулабите може да доведе до разбирање на некој физички процес што сè уште не ни е познат - напишал Ајнштајн.

Идеите на Ајнштајн повторно се докажуваат како точни

Сега, по повеќе од 70 години откако Ајнштајн го испратил своето писмо, истражувањето навистина ги открива тајните за тоа како птиците преселници се движат додека летаат илјадници километри за да стигнат до својата дестинација.



Подготвеноста на Ајнштајн да шпекулира за тоа како би можеле да научиме нови работи од животинската сетилна перцепција покажува дека тој бил воодушевен од тоа како новото истражување за миграција на птиците би ги поместило границите на нашето разбирање за физиката.

Писмото на Ајнштајн до Дејвис е доказ за тоа колку бил отворен кон нови можности од полето на физиката. Ова уште еднаш илустрира колку тој внимавал на она што може да се открие кога се гледа со поинаков поглед кон светот.

Извор: Inverse.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот