X
 02.07.2024 Технологија

Пред 50 години познат писател го предвидел најголемиот феномен на денешницата

Многу писатели, особено оние што се занимавале со научна фантастика, во своите дела предвидувале како ќе изгледа светот во иднина, во однос на транспортни средства, роботи, комуникации... Сакале или не, таа иднина дојде, и денес можеме да тестираме колку биле успешни во предвидувањата. Еден од нив е Ј. Г. Балард. Овој автор е познат по неговите романи кои не спаѓаат во научна фантастика, но доживеале успешни адаптации, како што е потресното „Царство на Сонцето“, што на екранот го донесе Стивен Спилберг или морбидниот „Судир“, роман за луѓето кои се сексуално возбудени од сообраќајни несреќи.

Во некои од книгите Балард се покажал и како брилијантен футурист, неговите дистописки романи и раскази предвидуваа дека светот ќе тргне по патеката на лична, научна, идеолошка и социјална дезинтеграција, под диктат на технократијата и компјутеризираниот суперкапиталист - општеството. Балард го измисли терминот „медиумски пејзаж“ за такво општество и на многу начини, во таа прилично мрачна визија за иднината, тој погоди каков ќе биде виртуелниот свет на социјалните мрежи во кој живееме денес.

Со ваквите предвидувања не се занимавал само во своите романи, туку и во интервјуата што ги давал низ годините, а кои биле собрани во книгата со наслов „Екстремни метафори“. Така, во 1987 година тој зборувал за сè уште непознатиот феномен на дигитално поврзување, кој подоцна го дознавме како интернет. За него, тоа е „невидлив тек на податоци што тече континуирано, за да ја произведе структурата на светската трговија и информации“.

Тој отишол подалеку, со тези во кои може да се препознаат феномените како што се познатите личности на „Јутјуб“.

-Секој дом ќе биде претворен во ТВ-студио. Сите ние истовремено ќе бидеме актери, режисери и сценаристи во нашата сопствена сапуница. Луѓето ќе се снимаат и ќе станат своја ТВ-програма.

Теми како опседнатоста со славата и реалноста создадена од технологијата може да се најдат во речиси сите дела на Балард, а десет години пред споменатото интервју, во есеј објавен во „Вог“, тој детално го опишал она што денес го гледаме како распространетост на социјалните мрежи и нивно влијание врз нашите животи: „Секој од нас ќе биде ѕвезда и спореден актер во исто време“, додал тој.

Или, нешто поопширно, неверојатно прецизно и погодено:

- Сè што правиме во текот на денот, во кој било сегмент од домашниот живот, ќе биде снимено веднаш на видеолента. Вечерта ќе седнеме и ќе го прегледаме она што сме го снимиле, избрано од компјутер програмиран да ги избере само нашите најдобри портрети, нашите најдуховити дијалози, нашите најмоќни моменти снимени со ласкави филтри, а потоа сето тоа ќе биде поврзано во возвишена реконструкција на нашиот ден. Без разлика на нашето место во семејната пирамида, секој од нас во приватноста на својата соба ќе биде ѕвезда во тековната домашна сага, а родителите, сопружниците и децата ќе бидат препуштени на ниво на епизодни улоги - истакнал тој.

Зарем тоа не е совршен приказ на однесувањето на просечниот корисник на Фејсбук, Инстаграм и другите социјални мрежи?

Поради ваквите визии, интересно е да се прочита што мислел Балард, кој почина во 2009 година, за светот што го предвидел и кој се создавал пред негови очи. Во интервјуто што го дал за радикалниот издавач В. Вале во 2003 година, тој рекол дека денес секој може да го документира сопственото постоење на начин што бил незамислив пред 30, 40 или 50 години.

- Мислам дека тоа го одразува гладот на луѓето за обична реалност. Многу е тешко да се најде нешто реално во средина што е целосно измислена - заклучил тој.

Извор: tportal.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија