X
 24.03.2018 Здравје

Некои луѓе стареат побавно отколку што се стареело пред две децении

Често се вели дека сте толку стари колку што се чувствувате и новите истражувања покажуваат дека некои од нас стареат побавно отколку што се стареело пред две децении. Тоа не значи дека можете да чекате повеќе од една година пред да го прославите следниот роденден, но има докази дека биолошкото стареење изгледа забавува во некои случаи.


Фото: Pixabay

Биолошката старост е добар индикатор за здравјето на населението и ако нејзината брзина се намали, тоа не значи само дека ќе живееме подолго, туку и поздраво. Тим истражувачи ги разгледувал здравствените и нутритивните податоци за 21.575 лица на возраст под 80 години во САД во периодот меѓу 1988 и 2010 година, испитувајќи ги податоците за метаболизмот, функционирањето на органите, крвниот притисок и капацитетот на вдишување. Првпат се покажало дека има одложено стареење меѓу национален примерок Американци.

Меѓу мерењата направени од страна на истражувачите биле нивоата на хемоглобинот, холестеролот, креатининот (кој е поврзан со функционирањето на бубрезите), алкалната фосфатаза (поврзана со болестите на црниот дроб), албуминот и Ц реактивниот протеин во крвта. Сите тие можат да посочат колку е здраво телото.

Има и надворешни знаци. Како што старееме, не сите сме благословени со исто ниво на здравје и благосостојба. Тоа е биолошко стареење.

Според истражувањето, биолошката возраст е помала во неодамнешниот период за сите старосни групи, но разликата варира зависно од возраста и полот. Научниците мислат дека промените во пушењето, дебелината и примањето лекови делуно се причини за тоа.

Мажите на возраст меѓу 60 и 79 години покажале најголемо подобрување и просечната биолошка возраст опаднала за повеќе од четири години во периодот меѓу 1990-ите и 2000-тите. Така, мажите од оваа возрасна група биле биолошки поздрави од мажите од истата старосна група од пред една деценија.

Истражувачите нагласуваат дека треба да се направат напори ваквите подобрувања да бидат постојани кај сите возрасни групи и полови, инаку некои делови од населението можат да го испуштат подобрениот квалитет на животот.

-Ова исто така може да сигнализира проблеми за помладите групи, особено жените, кои - ако имаат поминимални подобрувања - може да не ги имаат истите придобивки во животниот век како генерациите пред нив - вели Морган Е. Левин од Универзитетот Јејл во Конектикат.

Биолошкото стареење е важно за општеството како целина затоа што значи дека популацијата живее подолго пред да се појави големиот ризик од сериозна болест и попреченост. Иако оваа студија е концентрирана само на луѓе од САД, таа ни дава надеж дека подобрувањата во медицинската грижа и поздравиот начин на живот имаат позитивен ефект за квалитетот на животот на постари години. Во САД, на пример, жените на возраст од 65 годни можат да очекуваат дека ќе живеат уште 20 години. Сепак, просечно, само 11 нема да бидат болни.

Како можеме да го забавиме биолошкото стареење? Нема магична формула, само едноставните совети: не пушете, хранете се здраво и вежбајте.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје