X
 23.05.2018 Живот

Едно поглавје на ден го држи лекарот подалеку од вас

Некои хобија се подобри од други. На пример, трчањето е подобро за вашето срце од играњето игри, а крстозборите најверојатно ќе го подобрат вашето ментално здравје повеќе од фудбалот. А кога станува збор за читање, секако дека е добро за вашата душа, но не може да ви го продолжи животниот век, така? Размислете подобро.

Околу една четвртина од возрасните Американци истакнале дека не прочитале книга во текот на изминатата година. Тоа се лоши вести бидејќи нова студија покажа дека читањето може да ви го продолжи животниот век. Во некои претходни извештаи се истакнуваше дека покрај фактот дека седењето носи здравствени ризици, читањето нема штетен ефект врз очекуваниот животен век. Други велеа дека читањето има позитивен ефект на должината на вашиот живот. Но, новата студија се истакнува преку прашувањето за ефектот што го имаат книгите.

Еве ги најважните поенти: повозрасните лица што читаат книги барем 30 минути на ден во просек живеат 23 месеци подолго од оние што воопшто не читаат. Податоците доаѓаат од двегодишна студија која е дел од Студијата за здравје и пензионирање, со која се испитува здравјето на пензионерите од 1992 година. За изработка на студијата биле споредени луѓе што читале и луѓе што не читале книги и било утврдено дека меѓу нив има многу разлики, не само во животниот век.

Фото: Pexels

Излегува дека оние што читаат се помалку депресивни, поедуцирани и поздрави од оние што не читаат. Исто така, повеќето од нив се жени. Сите тие фактори индивидуално имаат позитивен ефект врз животниот век. Има една изненадувачка корелација: било многу поверојатно оние што читаат да се слепи или да страдаат од некоја форма на слаб вид.

Иако не тврдат со сигурност, истражувачите претпоставуваат дека книгите му даваат шанса на мозокот да се смири и да се наполни одново, особено во текот на она што го нарекуваат „длабоко читање“. Тоа е кога не ја читате книгата само површно, туку се соживувате со ликовите и концептот и размислувате за информациите што ви се презентирани во книгата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот