X
 26.03.2018 Култура

Канскиот филмски фестивал ги забрани селфи-фотографиите


Црвен килим на Канскиот филмски фестивал
(Фото: Getty images)


Од Меѓународниот филмски фестивал во Кан соопштија дека на овогодишната ревија ќе биде забрането фотографирање со мобилни телефони, но и дека веќе нема да има посебни проекции на филмови за новинарите.

Портпаролот на фестивалот, Тиери Фремо, објасни дека „селфи-фотографиите“ ќе бидат забранети на црвениот килим на Канскиот фестивал затоа што тоа го нарушува протоколот на доаѓање на поканетите лица.

Фремо уште пред две години најави крај за „таа смешна и гротескна“ практика на фотографирање со мобилни телефони.

Организаторите на фестивалот, кој оваа година ќе се одржува од 8 до 19 мај, одлучиле повеќе да нема проекции на филмовите што ќе се натпреваруваат за „Златната палма“ само за новинари, туку од годинава тие ќе ги „откриваат“ содржините заедно со другите со цел „докрај да се задржи неизвесноста“ околу добитниците.

Претседателка на овогодишното, 71. издание на филмскиот фестивал ќе биде австралиската актерка Кејт Бланшет.

Фремо истакна дека наскоро ќе биде соопштен списокот со филмови-кандидати за „Златната палма“, главната награда на фестивалот.

Минатата година наградата му припадна на шведскиот режисер Рубен Остлунд за филмот „Квадрат“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура