X
 29.03.2018 Живот

Секој ден правете нешто креативно и ќе бидете посреќни

Завршувањето на секојдневните обврски е доволно тешко, па многумина немаат многу време да ја изразат својата креативност. Но, според истражувањата, наоѓањето време за тоа навистина вреди. Правењето една креативна работа секој ден, без разлика дали тоа е сликање, свирење на гитара или готвење, ќе ви ја зголеми среќата.


Фото: Pixabay

Нема нешто што луѓето го сакаат повеќе од тоа да зборуваат колку се зафатени. Заедничко за сите луѓе е што се жалат дека едноставно немаат време за цртање или за готвење. Но, една студија објавена во „Списанието за позитивна психологија“ посочува дека би било добро да одделиме време за тоа. Според студијата, правењето една креативна активност секој ден може да ја подобри вашата општа ситуација, ќе имате повеќе енергија, ентузијазам и ќе бидете повозбудени.

Сега можеби си мислите: „Но, јас не сум креативна личност и сум осудена да бидам несреќна“. Немојте толку брзо да носите заклучоци. Според дефиницијата на истражувачите, креативноста вклучува и давање нови или оригинални идеи, изразување на оригинален и корисен начин или трошење време на уметнички активности. Тоа е прилично широка дефиниција. Во соопштението за јавноста кое се однесува на студијата се наведува дека најчестите примери се пишување песни, креативно пишување, плетење, составување нови рецепти, сликање, цртање, графички и дигитален дизајн и музички перформанс.

Оние што правеле некоја од овие активности не само што се чувствувале подобро во моментот, туку биле и посреќни следниот ден. На крајот истражувачите утврдиле дека креативноста води до подобра состојба следниот ден, а тоа најверојатно ќе резултира со креативни активности и тој ден.

Знаејќи го ова, има смисла што караокето и боенките за возрасни се толку популарни. Според одредени податоци, во 2015 година биле продадени 12 милиони боенки за возрасни.

Но, не треба да трошите пари за да бидете креативни. Направете убава фотографија и споделете ја на „Инстаграм“. Најдете рецепт и згответе ѝ оброк на вашата фамилија. Зашијте перница, пејте со радиото или направете нешто со косата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот