X
 04.04.2018 Живот

Жената низ времето

Викторија Митевска е дипломиран правник. Таа беше еден од петте колумнисти што беа избрани на конкурсот на Факултети.мк



Викторија Митевска

Ако се навратиме наназад, ќе видиме дека жените биле едни од најголемите борци во историјата, како индивидуи и здружени во организации, борејќи се за ослободување од окупаторите, но воедно и за ослободување на жените од нивната зависност и нееднаква положба во општеството. Работеле напорно, масовно учествувајќи во ослободителните движења, некои како делегати, политички комесари, команданти и командири, други како службеници на брза помош, медицински сестри, војници, бомбардери, а трети како партиски лидери и пратеници за народноослободителниот комитет.

Тоа биле селски, млади девојки со храбар и достоинствен поглед и дух, ослободени од стравот и посветени на борбата за слобода. Најчесто слаби, тенки, но силни во душата. Секогаш послушно заминуваа на бојното поле, со одлучност, невидена храброст и смелост без оглед на тоа каде одеа и што ги очекуваше.

Единствено во битката сите биле еднакви, или според сведоштвото на Ета Најфелд, таа во партизанското движење никогаш не чувствувала никаков вид предрасуда и нееднаквост со другите, било да е тоа сексизам било антисемитизам.

Една од поеминентните и влијателни жени во тој период е и Оливера Јоциќ-Вера, член на Третата македонска народноослободителна ударна бригада, заедно со нејзиниот љубен Ацо Шопов. Жена опеана во песна како тигрица, со пламените очи, со прерано згасната младост на бојното поле. Секогаш снаодлива и неверојатно храбар борец, секогаш почитувана од другите борци. Во најтешките битки и моменти таа успеваше да биде победник, со умешност да ги мотивира и охрабри другите во борбата против непријателот. Но, таа подлегна на непријателскиот куршум, со офкање и паѓање во оној момент кога исправено застана да го види непријателот и да тргне во напад за одбрана.

Магдалена Јорданова-Антова, обична работничка, шивачка која ослободила неколку заробени војници од војската на Кралството Југославија, а со братот Методи прибирала поголемо количество оружје за потребите на Комунистичката партија на Југославија. Партизанка која загинала поради тоа што била издадена од својот татко бугарофил.

Вера Јоциќ

Дефинитивно еднo од највлијателните женски имиња од тој период е Надежда Константиновна-Крупскаја, синоним за борец кој е сигурен во правилноста и исправноста на своите ставови, идеали и убедувања. Секогаш скромна, тивка, потоната длабоко во мислите, со свои погледи и убедувања, поборник за идејата дека преку едукација на пошироката маса ќе се придонесе за подобрување на животот на народот. Воодушевена од делата на Толстој, со одбивност кон модерното, вљубеник во образованието и во неговата моќ за обезбедување подобра иднина, залагајќи се сите да имаат пристап до книгите.
Е, тоа беа херои што се бореа и ги загубија животите за татковината, дел од нив секогаш ќе бидат запомнети и споменувани, а дел за жал ќе бидат заборавени во историјата на војните. Тоа беа борци, сестри, мајки, сопруги, нечии деца, другари, мотивација за сите идни генерации и идната младина. Да, посебно на идната млада генерација со оглед на предизвиците со кои секојдневно се соочува светот и актуелната политичка криза и состојба.

Гледано институционално и правно, жените за време на комунизмот постигнале напредок и дел од тие придобивки се задржале и подоцна, до денес. Голем број права за жените за кои се изборија тогашните хероини на трудот и денес се почитуваат и со тоа се обезбедува подобра позиција за жената.
Денес, сѐ поголемо е влијанието на жените како резултат токму на тие стремежи и битки што се воделе порано. Иако некаде жената сѐ уште е жртва на насилство, жртва на трговија со жени, сепак, од друга страна, некои се залагаат за зајакнување на улогата на жената во општеството преку поставување на жените на раководни позиции, отворање повеќе работни места за жените, нивно активно учество во политиката, економијата, индустријата, технологијата и во многу области. Во денешно модерно време сѐ повеќе се менува сликата за жената која постои од традиционалното патријархално општество. Денес таа не е само сопруга, мајка и нежно суштество кое се грижи за семејството, туку добива уште многу други улоги во општеството.

Како што расте улогата и значењето на современата жена во општеството, се зголемуваат и организациите кои се грижат и работат на заштита на правата и интересите на жената, што е многу битен чекор кон целосно еманципирање и почитување на жените во секоја сфера од живеење и работење во едно општество. Општество ослободено од стегите на родовата нееднаквост, општество отворено за нови предизвици, демократско општество каде што се почитуваат вредноста и достоинството. Меѓутоа, она што паѓа в очи е тоа што кога се зборува за жените, се зборува за посебни права. Каде се тогаш рамноправноста и еднаквоста? За да постои еднаквост, треба мажите и жените да бидат изедначени во своите права, бидејќи станува збор за човечки суштества чии човекови права се еднакви, неделиви, неотуѓиви и заемно поврзани.
Токму поради ова на сцена настапуваат феминистичките движења чија главна цел и идеологија е остварување и заштита на правата и интересите на жените. Станува збор за теории со кои се навлегува во суштината на овие права и најпрво преку нив жените добиваат право на глас, потоа право на воспитување на децата, право на абортус, право на породилно отсуство и право на еднакви образовни можности и еднакви плати. Додека, пак, модерното феминистичко движење има цел да ги воспостави правата на жените како дел од универзалните, важечки човекови права во важечкото меѓународно право.

Меѓу другото, постојат и голем број документи со кои се заштитени правата на жените и кои исто така имаат големо значење покрај феминистичките движења. Еден од најзначајните документи со кои се прокламира почитување на правата на жената е Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената, усвоена во 1979 година, а стапила во сила во 1981 година. Конвенција со која се гарантира принципот на еднаквост, недискриминација, принципот на обврска на државата, промовирање на концептот на суштествена еднаквост, односно еднаквост на можностите и пристапот до ресурси, но и еднаквост во резултатите, односно придобивките од користењето на ресурсите.

Да бидеш жена е гордост, но да бидеш жена борец во услови кога си меѓу две страни, кога не знаеш кое е помало зло во случајот, кога свесно одлучуваш да влезеш во сплет на интриги, некогаш во воени жаришта, а сепак, и покрај сѐ да останеш храбра и своја на своето... е тоа е привилегија, тоа е она што е значајно.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот