Со текот на времето крстосувачите стануваат сè поголеми, но најновиот мегапроект се заканува да ги направи денешните морски џинови изненадувачки мали. Амбициозниот подвиг наречен „Фридом шип“ има цел да го создаде првиот вистински „град на море“ - пловечка заедница долга дури 1,6 километри, проектирана да прими до 80.000 жители, посетители и членови на екипажот додека непрекинато плови низ светот.
Опремен со училишта, паркови, продавници, хотели, па дури и болница и спортски стадион, овој брод нема да биде обичен крстосувач, туку трајно населен океански мегаград.
Иако денес постојат концепти на „вечни крстосувања“, како што е „Ворлд“, кој функционира како приватен станбен комплекс за милионери, или подостапниот „Вила Ви Одисеј“, двата проекти изгледаат минијатурно во споредба со она што го нуди „Фридом шип“.
Идејата, која првпат се појавила кон крајот на 90-тите години, потекнува од компанијата „Фридом круз лајн интернешнл“.
Доколку проектот биде реализиран докрај, бродот ќе биде широк околу 240 метри, тежок 2,3 милиони тони и висок дури 30 палуби. Се проценува дека трошоците за изградба ќе достигнат неверојатни 13,87 милијарди евра.
Иако точниот датум на пуштање во употреба сè уште не е утврден, предвидено е бродот да користи нуклеарно гориво. Тој ќе стане постојан дом за 50.000 жители, ќе угости 10.000 привремени посетители, а за нив ќе се грижи екипаж од дури 20.000 луѓе.
Како ќе изгледа „Фридом шип“?
Со својот огромен капацитет, овој брод ќе превезува осум пати повеќе луѓе од најголемите патнички бродови во светот - „Стар оф д сис“ и „Ајкон оф д сис“ на компанијата „Ројал карибијан“.
За да функционира и да обезбеди содржини за толкав број луѓе, на бродот се планирани:
Спортски стадион со 15.000 седишта
Два музеја, симфониска сала и конгресен центар
Голем аквапарк и огромен подводен аквариум за љубителите на нуркањето
Два луксузни хотели и осум хелиодроми за посетители
Училишта и колеџи за децата што постојано ќе живеат на бродот
Внатрешен трамвајски систем за превоз на патници, 24 километри пешачки патеки и повеќе хектари зелени паркови.
Овој пловечки град ќе ја обиколува Земјата на секои две години, движејќи се со брзина од околу 7 јазли (околу 13 километри на час). Сепак, поради својата огромна големина, бродот никогаш нема да може да влезе во ниту едно пристаниште во светот, туку постојано ќе престојува во меѓународни води. Сите што ќе сакаат да го посетат или да се префрлат на копно ќе користат редовни траектни линии и хеликоптери.
Кога почнува изградбата?
Компанијата „Фридом круз лајн интернешнл“, со седиште во Флорида, му го доверила дизајнот на овој проект на фирмата „Шопфер асошиејтс“, која соработува со водечки светски архитекти и поморски експерти.
Интересот за ваков начин на живот е голем. Од раководството на компанијата наведуваат дека побарувачката на пазарот уште сега може да ја оправда изградбата на три вакви брода.
Откако ќе се обезбедат средствата, изградбата ќе започне во Индонезија. Се проценува дека самиот процес ќе трае до четири години, а планот е првите станари да почнат да се вселуваат во своите домови на вода додека другите делови од бродот сè уште се градат. Бидејќи нема матично пристаниште, целокупното одржување и ремонт ќе се извршуваат на отворено море.
Доколку „Фридом шип“ навистина заплови, официјално ќе стане најголемото поморско пловило во историјата на човештвото. Прашањето е дали би прифатиле да живеете на ваков технолошки џин?
Извор:
BIZlife.rs
Фото: Screenshot/YouTube