Иако опасностите на работното место најчесто се поврзуваат со занимања како градежништвото или рударството, лекарот Амир Кан предупредува дека здравствени проблеми можат да се јават и кај професиите што на прв поглед не изгледаат ризично.
Д-р Кан вели дека во својата ординација сѐ почесто среќава пациенти чии тегоби се поврзани со долготрајното седење, возење, работата во смени или физичките напори за време на секојдневната работа.
- Кога луѓето размислуваат за опасни професии, обично помислуваат на рударство, градежништво или работа со азбест. Меѓутоа, како лекар по општа медицина, секојдневно гледам дека и работите што ги сметаме за вообичаени можат долгорочно да влијаат врз здравјето - рече д-р Кан.
Тој додаде дека луѓето притоа не прават ништо погрешно, туку начинот на кој го поминуваат поголемиот дел од денот може да остави последици врз организмот. Работата не мора да биде директно опасна за со текот на времето да го наруши здравјето.
Наставниците, возачите и фризерите меѓу ризичните групи
Д-р Кан ги наведува наставниците, кои во текот на работниот ден често немаат доволно време ниту за основните потреби, како одење во тоалет или доволен внес на течности. Поради тоа, можат да се јават главоболки и дехидратација, а кај некои лица и зголемен ризик од инфекции на уринарниот тракт.
Меѓу групите што се изложени на здравствени проблеми ги издвои и професионалните возачи, како таксистите, возачите на автобуси и доставувачите. Долготрајното седење може да доведе до болки во грбот, недостиг на физичка активност и зголемен ризик од метаболички и кардиоваскуларни болести.
Фризерите, од друга страна, често се соочуваат со проблеми поради долготрајното стоење и повторувањето на истите движења. Тоа може да предизвика болки во вратот, рамената, грбот и стапалата.
- Негувателите и медицинските сестри во текот на денот често подигнуваат, преместуваат и придржуваат други луѓе, поради што имаат поголем ризик од повреди на мускулите и зглобовите. Канцелариските работници кои најголемиот дел од времето го поминуваат пред екран, работат и за време на паузите и ретко излегуваат на свеж воздух, исто така, можат да го загрозат своето физичко и ментално здравје - објасни тој.
Работата во смени дополнително го оптоварува организмот
Понекогаш проблемот не е само во видот на работата, туку и во начинот на организација на работното време. Д-р Кан предупредува на последиците од работата во смени.
- Размислете за луѓето што работат во здравството или во други дејности во смени. Тие се соочуваат со долго работно време, ноќни смени, емоционален стрес и прескокнување оброци - вели тој и додава дека работата во смени може да го наруши природниот ритам на спиење и будност, а долгорочно се поврзува со поголем ризик од срцеви болести, дијабетес тип 2 и дебелина.
Посебно ги издвојува и лицата што неформално се грижат за членовите на семејството. Иако таа работа често не е платена, ниту официјално се смета за занимање, може да биде многу тешка.
Како да се намалат ризиците?
Д-р Кан нагласува дека решението не е едноставно да се даде отказ и да се најде друга работа бидејќи тоа за повеќето луѓе не е реална опција.
- Не се работи за тоа дека треба да ја промените работата. Важно е да разберете што вашата работа бара од вашето тело и да се обидете да ги ублажите нејзините последици - порача тој.
На оние што многу седат им препорачува во текот на денот да пронајдат можности за движење, додека на лицата што цел ден стојат им советува да посветат поголемо внимание на заштитата на мускулите и зглобовите.
- Ако работите во смени, обидете се да го заштитите својот сон колку што можете повеќе. Без оглед на работата со која се занимавате, немојте да го занемарувате значењето на правилната исхрана, доволниот внес на течности и користењето на паузите - заклучува тој.
Извор:
Nova.rs
Фото: Magnific