X
 08.06.2019 Живот

Зошто луѓето пред умирање имаат чувство дека лебдат и што значат зборовите што ги изговараат во бунило

Со оваа тема се занимава Лиза Смарт, која од перспектива на лингвист ја напишала книгата „Зборови на прагот“. Во неа пишува како нејзиниот татко Морт Феликс (секогаш се шегувал дека тоа на латински значи „среќна смрт“) ги поминал последните три недели од животот, кога занесен од болките и лековите за рак лебдел помеѓу овој и оној свет.

Транскрипцијата на неговите мрморења ѝ дала одредено чувство на смиреност пред неговото заминување.

„Доста. Фала, и те сакам и доста“ ѝ рекол на сопругата Сузан вечерта пред да умре. Овој клинички психолог многу зборувал пред смртта, но малку од тоа било разбирливо докрај. „Има толку многу во тагата“, ќе речел. „Спуштете ме одовде“, кажал другпат, а халуцинирал тврдејќи дека гледа ангели, па тврдел дека собата, која била сосема празна, е полна со луѓе. Тој е еден од 181 личност чии претсмртни реченици Лиза Смарт ги запишала во обид да најде некоја матрица, нешто заедничко.

Студијата, чија идеја е да ја проучи „психичката состојба точно пред смртта“, зборува за тоа што ни поминува низ главата кога сме свесни дека крајот е близу. Со тоа се занимавал и антропологот Артур Мекдоналд. Тој ги поделил луѓето што ги слушал во категории, во зависност од нивните афинитети (политичари, филозофи, поети...) и заклучил дека „луѓето блиски до воените професии“ имаат најмногу барања и директиви, филозофите, математичарите и едукаторите имаат најмногу прашања и изјави, додека уметниците и научниците се скржави на зборови.

Германскиот научник Карл Гутке во книгата „Последни зборови“ вели дека Мекдоналд се обидел да ги квантификува резултатите. За комуникацијата пред смртта напишале книга и медицинските сестри Меги Калахан и Патриција Кели, и тоа во 1992 година.

- Како што личноста станува сè послаба и сè повеќе ѝ се спие, така комуникацијата со другите станува посуптилна. Дури и кога на луѓето им е премногу тешко да зборуваат или ја изгубиле свеста, може да ве слушнат. Слухот е последното сетило што се гаси – пишува во нивната книга.

Последните реченици на Џорџ Буш Постариот биле – „те сакам и јас тебе“, како одговор на реченицата „те сакам“ што му ја кажал синот.

Во статија на германскиот магазин „Шпигел“ лекарите откриваат колку луѓето во моментите на смрт пцујат или ги изговараат имињата на сопружниците и децата. Повеќето мажи во некои моменти ја викаат мајка си. Делириумот, предизвикан од дејството на лековите или од висока температура, е приказна сама за себе. Најчесто се споменува нејаснотија или чувство како да лебдиме.

Многу знаеме, пишува „Атлантик“, за почетоците на говорот, уште од утробата, но самиот крај сè уште е обвиен во тајна. Затоа Лиза Смарт почнала соработка со психијатарот Рејмонд Муди Помладиот, кој се занимава со „искуства при блиската смрт“, поради што во 1975 ја напишал хит-книгата „Живот после животот“. Заедно го направиле проектот за последни зборови („Final Words Project“), веб-страница која се занимава со животот, смртта, свесноста и лингвистиката.

Смарт како пример секогаш го наведува својот татко, кој користел фрази што немаат смисла (но за него имале): „Морам да одам долу, морам да се одвојам“, како телото да му лебди помеѓу нешто. Потоа имало и многу повторувања (Зелени димензии! Зелени димензии!), кои се чести кај луѓе со деменција и кај оние што се во делириум. Го повторувал своето презиме, броеви..., а некои кажувале метафори за заминувањето, на пр., со брод, небо, копно или нешто сосема друго.

Метафори за заминувањето забележале и Калахан и Кели, па во својата книга запишале: „Тие знаат дека имаат време да умрат“.

Еден пациент повторувал: „Кога би можел само да ја најдам мапата... Само кога би можел да ја најдам мапата... Би бил дома“.

Разбирањето на лингвистичките матрици и причината зошто се комуницира и како се комуницира пред смртта би можело многу да го олесни разбирањето на смртта, а и што сакаат да кажат тие што умираат. Некогаш луѓето умирале нагло, но со напредокот на медицината денес се живее подолго и се умира полека, во институциите. Затоа комуникацијата е многу важна. Иако книгата на Смарт е „обоена“ со желбата да се ѕирне во животот по смртта, таа сè уште е едно од ретките пишувани остварувања на една интересна, но занемарена тема.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот