Американскиот пејач и кантавтор Боб Дилан (75) ја доби годинашната Новелова награда за литература. Рок легендата ја доби наградата за „создавање нова поетска експресија во големата американска музичка традиција“, соопшти Шведската академија.
Тој е првиот Американец кој ја добива престижната награда, по прозаистот Тони Морисон, кому му беше доделена наградата во 1993 година. Многумина велат дека оваа вест е „малку изненадувачка“ бидејќи творештвото на Дилан не може да се вклопи во традиционалните литературни форми: проза, поезија, раскази, за кои традиционално се доделува Нобеловата награда за литература. Сепак, критичарите се единствени дека малку поети во една ера може да се пофалат со дела кои извршиле толку силно влијание врз луѓето.
Боб Дилан е роден како Роберт Ален Зимерман во 1941 година, а музичката кариера ја почнал во 1959 година, настапувајќи во кафетерии во Минесота.
Најмогу од неговите најпознати дела датираат од 1960-те, кога станал дежурен хроничар на случувањата во САД, а песните како Blowin' in the Wind и The Times They are A-Changin' станаа химни на антивоените случувања и борбата за човекови права. Неговото оттргнување од традиционалниот фолк начин на пишување, проткаен со неговата контроверзна одлука да вметне електричен звук се покажа како многу влијателен. Од крајот на 80-те е постојано на турнеја која прерасна во Never-Ending Tour.
На Дилан долго време се типуваше дека е потенцијален добитник на Нобелова награда за литература, но малкумина веруваа дека Академијата ќе реши да награди жанр како фолк-рок музика. Наградата ќе му биде врачена заедно со носителите на останатите пет награди, на 10 Декември, годишнината од смртта на основачот на наградата Алфред Нобел кој починал во 1896 година. Наградата се состои од 8 милиони шведски круни, односно околу 900.000 американски долари.
Дилан е добитник на многу признанија, меѓу кои најзначајни се Оскар и Пулицеровата награда, која ја нема добиено ниту еден музичар. Во 2010 година одржа концерт во Скопје, а фестивалот Струшки вечери на поезијата му даде Специјална повелба.