X
 18.03.2019 Живот

Без изговори, без оправдувања! Паркирај одговорно, секогаш и секаде

Сообраќаен метеж, недоволен број паркинг места, зафатени тротоари, пешачки и велосипедски патеки, непроодни пешачки премини, зафатени паркинг места за лица со ограничени можности - слика со која секојдневно се соочуваме. Возачите се нервозни поради блокирање на сообраќајот, пешаците се нервозни поради зафатените тротоари, велосипедистите, исто така, не можат слободно и безбедно да се движат во сообраќајот. Сите трпат, сите се попречени во правото на слободно движење, на сите им се загрозува безбедноста, но никако да се фати ред и да се почитуваат правилата и прописите во сообраќајот.

Можеби се оправдани тврдењата дека бројот на возила е преголем и дека сообраќајната инфраструктура нема капацитет да го апсорбира целиот сообраќај. Очигледно е дека во сите поголеми градови недостасуваат паркинг места, како за моторни возила така и за велосипеди. Но, очигледните недостатоци во сообраќајната инфраструктура не можат да ги оправдаат и да ги покријат лошите навики и ниското ниво на сообраќајна култура.

Недостатоците на сообраќајната инфраструктура не може да бидат изговор и не ви даваат за право да се паркирате на тротоар, на велосипедска патека, на пешачки премин, на место резервирано за лица со ограничени можности, во тревник, на детско игралиште и сл. Истражувањата покажуваат дека возачите се свесни за лошите навики на паркирање и кога учествуваат во сообраќајот како пешаци и велосипедисти непрописно паркираните возила исклучително многу ѝм сметаат, но кога треба да паркираат... е тогаш следуваат оправдувања и изговори: „Паркирам на кратко“, „Нема друго место“, „Сите така паркираат“, „И за паркинг ли да давам пари“, „Мојата кола е мала, не фаќа многу место“, „Нека му ја мисли соседот, јас ли да мислам“, „Ако јас паркирам правилно, друг не паркира, залудно ми е“, „Сега ли баш ќе му затреба паркинг местото на лице со ограничени можности“... Изговори, изговори.

Многу изговори, сите различни, но ниту еден не го решава проблемот кој од ден на ден станува сѐ посериозен и поголем.

Хаосот во паркирањето ѝм го загрозува животот на сите учесници во сообраќајот. Пешаците, велосипедистите, возачите, сите се загрозени, но најзагрозени од лошото паркирање се оние кои се најмалку виновни, нашите најмили, децата.

Хаосот во паркирањето им создава проблеми на сите. Сите се нервозни и бунтовни на непрописно паркираните возила, но забораваме дека во голем дел сите ние поединечно, повеќе или помалку придонесуваме овој хаос да биде континуиран, секојдневен и обемен.

Затоа, РСБСП потенцира дека е крајно време да се остават изговорите и оправдувањата настрана и да почнат да се менуваат навиките и културата за паркирање и за начинот на однесување во сообраќајот. Крајно време е да се разбере дека хаосот во паркирањето во голем дел го креираат самите учесници во сообраќајот со непочитување на правилата и прописите за правилно паркирање, со ниско ниво на култура, толеранција, меѓусебно почитување и целосна безобзирност за другите, за општото и заедничко добро.

Со лошото паркирање, со непочитување на правилата и прописите за паркирање, со изговори и оправдувања сами си ја сечете гранката на која седите.

Затоа, без изговори и без оправдувања! Паркирајте одговорно, секогаш и секаде! За безбеден сообраќај и за непречено движење на сите учесници во сообраќајот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот