X
 18.04.2017 Здравје

Најнеобичните пластични операции... Сте слушнале за димплепластика?

Најверојатно веќе сте чуле за ботокс, липосукција, операции на дојки... Но дали некогаш сте чуле, на пример, за димплепластика?! 


Фото: Freepik

Ви споделуваме попис на некои  помалку познати пластични зафати кои сѐ почесто се применуваат:

1.    Отстранување на букална маснотија

Последните години во фокусот на убавината се нагласените „јаболчници“ на лицето па пластичните хирурзи користат дермални филери за подобро да ги дефинираат. Но, дали сте знаеле дека исто така постојат и хируршки зафати за отстранување на масни наслаги од тие делови на лицето?!  Редукција на образите е постапка на добивање на послаби образи преку отстранување на вишокот букални масни наслаги за да се добијат поизразени „јаболчници“.

2.    Трансплантација на веѓи

Секој што ги кубел веѓите знае дека постои шанса одредени влакненца никогаш веќе да не пораснат, па таквите лица  секое утро трошат време да ги исцртаат тие празнини со креон или да ги пополнат со сенки за таа намена. Но, постои и трајно решение за овој проблем – трансплантација на веѓи, при што се користат влакна од други места на телото, како на пример, од тилот на главата и се всадуваат во тоа подрачје. Единствен проблем во оваа постапка е што кога ќе се добие посакуваната форма на веѓите, новите влакна продолжуваат да растат во темпо како од оригиналната локација, па има потреба да се потстрижуваат навреме.
 
3.    Димплепластика

Следна работа во контурирањето на лицето е постапка која се нарекува димпепластика која  е минимално интензивна и обезбедува перманентни дупчиња на образите или на брадата. Процедурата трае триесетина минути и се работи со локална анестезија. Хирургот ја поврзува внатрешноста на образите кон горната усна со што се создаваат дупчиња кои изгледаат природно.

4.    Вампирски фејслифт

Станува збор за козметичка постапка која означува инјектирање на сопствена крв за да се намалат брчките и да се постигне помлад изглед. Некое време по инјектирањето се забележува зголемување на волуменот за 10 до 15 проценти, кои можат да потрајат и до неколку години. Иако делува бизарно, оваа постапка дејствува, велат пластичарите.

5.    Отопластика

Постојат многу луѓе кои се незадоволни од изгледот на своите уши уште од раѓање. Операцијата на клемпавите уши или отопластиката е постапка на трајно коригирање на ушите кои се „залепуваат“ за черепот во подобра пропорција во однос на лицето. Операцијата трае околу 45 минути и  може да се изведува со локална анестезија, без оглед на возраста на пациентот.

6.    Лифт на усните

Ако посакувате трајно пополни усни или сакате да ги „избришете“  трагите од стареењето околу усните, „lift lip“  е постапката која ви треба. Со неа се зголемуваат горната или долната усна и се намалува растојанието меѓу усните и ноздрите, што придонесува за добивање на помлад и посвеж изглед на лицето, вели Рикардо Родригез, пластичен хирург од Балтимор, кој потенцира дека за разлика од привремените филери за усните, оваа постапка дава траен ефект.

7.    „Cool mini“

Се случува и напорното вежбање и контролираната исхрана сепак да не даваат посакувани резултати кај некои „тврдокорни“ точки на телото, како на пример, подбрадокот. Постапката која се нарекува „CoolMini“ означува единствен мал апликатор кој ги напаѓа малите масни „џебови“ под брадата. Постапката не е хируршка, туку е алтернатива за липосукцијата, вели Шила Назариан, пластичен хирург од Беверли Хилс. Резултатите се видливи за два месеци, а потребни се меѓу еден и три третмани за посакуваниот изглед.

8.    Умбиликопластика

Никој нема совршено тркалезен папок, а многумина го посакуваат токму тоа. Опуштената кожа, хернијата или постпородилната кожа можат да „побараат“ операција на папокот или умбиликопластика. Станува збор за хируршка промена на изгледот на папокот или креирање на „нов“ папок.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје