X
 29.04.2018 Живот

Како се станува стјуардеса во Јужна Кореја?

Во далечната 1993 година амртиканските медиуми објавија дека стјуардесите на „Јунајтед ерлајнс“ држат диети и пијат лаксативи за да ја одржат фигурата бидејќи ако имале пет килограми вишок, биле испраќани на 10-денвен принуден неплатен одмор. Таквите правила оттогаш омекнаа, но оние кои сакаат да станат стјуардеси и да работат за некоја од водечките авиокомпании во Јужна Кореја, сѐ уште се под значителен притисок да изгледаат на одреден начин, а тоа ги турка кон преземање драстични мерки.

Водечките јужнокорејски авиокомпании во 2015 година ги намалија барањата за висина и за познавање странски јазик, но во пракса, благодарение на комбинација фактори, вклучително и процесот на аплицирање за работа и корејските стандарди за убавина, оние кои имаат аспирации да станат стјуардеси, велат дека се под голем притисок од некажаното правило да бидат поубави.


-Стјуардесите всушност ја претставуваат авиокомпанијата. Нивниот изглед ќе ја погоди целосната слика, па тие мора секогаш да се формални и педантни - вели Соџин Лим, која порано работела за корејска авиокомпанија.

1
Фото: Screenshot/YouTube

Во Јужна Кореја е вообичаено да се бара апликацијата за работа да има и фотографија. Поради тоа, многу кандидати велат дека чувствуваат притисок да изгледаат добро, без разлика дали конкурираат за стјуардеса, за инженер или за касиерка. Корејската влада сака да го укине барањето фотографија со регулативи кои исто така би им забраниле на работодавците да прашуваат за висината, тежината, фамилијата и родниот град на кандидатот. Сепак, засега, Јужнокорејците велат дека се под притисок да направат совршена апликација со совршена фотографија за да добијат работа. Некои ги едитираат фотографиите па велат дека не личат на себе.

Младите луѓе кои штотуку дипломирале се пред посебен предизвик бидејжи невработеноста меѓу младите во Јужна Кореја е многу висока, а поради тоа и конкуренцијата е голема. Така, сон на многу млади Јужнокорејки стана да бидат стјуардеси - работа која ветува патување, нови искуства и голема плата. Платата е 3.500 долари и е поголема од поголем дел од платите кои ги земаат останатите жени во Јужна Кореја. Оваа работа е толку конкурантна што може да бидат поднесени повеќе од 20.000 апликации за неколку стотици места, а оние кои сакаат да бидат стјуардеси некогаш аплицираат и по девет пати за работното место. Се бара течно говорење на јазици како англиски и кинески, а треба да се помине и физички тест.


Лим објаснува дека за време на интервјуата често се оценува како кандидатките се дотерале и каква фризура направиле и тоа се вклучува во нивното лично досие.

-Мислам дека можете да го споредите со некаков вид на натпревар за убавина. Мораат да бидат физички совршени. Повеќе од 60 килограми е нешто како прекумерна тежина - вели Пабло Ли, кој раководи академија за стјуардеси.

1
Фото: Screenshot/YouTube

Академиите за стјуардеси во Јужна Кореја ги подготвуваат оние кои сакаат да ја работат таа работа за интервјуто и ги учат за дотерување, учтивост и како да поминат на тестовите за јазици. Потребни се од шест до 12 месеци подготовка од овие академии.

Жените кои успеале да станат стјуардеси во 2017 година, а ја посетувале академијата „Винг Скај Кру“, во просек биле на возраст од 24,7 години, биле високи 165 сантиметри и биле тешки 50 килограми. Во однос на англискиот јазик, тие имале просечен резултат од 700 од вкупно 990 поени на тестот за англиски за меѓународна комуникација.

Иако изгледот можеби не е најважниот дел од апликацијата на оние кои сакаат да бидат стјуардеси, многу од оние кои аплицираат велат дека чувствуваат притисок да бидат совршени. Затоа некои жени дури и размислуваат за пластична хирургија, а некои клиники прават капитал од тоа преку специјални понуди само за оние кои сакаат да бидат стјуардеси.

Клиниките нудат специјални програми за стјуардесите кои вклучуваат корекција на очните капаци, носот, измазнување на кожата и зголемување на усните. За некои кандидатки кои одат во одредени школи за тренирање има и попусти за операции. Операција на очните капаци, која е најчеста во Кореја, обично чини одд две до четири илјади долари.

-Многу од оние кои сонуваат да бидат стјуардеси се фрустрирани. Тие сакаат да бидат стјуардеси и сонуваат да живеат во многу земји, но се фрустрирани и мораат да се откажат од сонот поради изгледот. Луѓето околу нив ги потсетуваат за тоа. „Не можеш да го направиш тоа бидејќи си грда“, им велат сурово - пишува сајтот „Риборн“.

Притисокот да се биде убава е толку голем во Јужна Кореја што една од пет жени направила козметичка операција, покажуваат податоците од Меѓународното друштво на естетски пластични хирурзи.

Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот