X
 13.06.2019 Технологија

Лажно видео покажува зошто треба да се сомневаме во она што го гледаме на интернет

Снимка од шефот на „Фејсбук“ во која тој зборува за приватните податоци на корисниците и социјалните мрежи предизвика критики во јавноста. Но, таа е лажна.

Технологијата наречена „deepfake“, односно компјутерски генерирани видеа што изгледаат како да се вистински, толку напредуваше во последниве неколку години што е сè потешко да се открие што е вистинска, а што лажна сминка.

Но, видеото што се појави на „Инстаграм“ привлече големо внимание бидејќи го прикажува шефот на „Фејсбук“, Марк Закерберг.

На видеото, кое изгледа како да е дел од телевизиски пренос, лажниот Закерберг зборува за контролирање на податоците.

- Замислете на секунда - еден човек кој има контрола над милијарда украдени лични податоци. Сите тајни, животи и иднини на тие луѓе. Сето тоа му го должам на „Спектaр“. „Спектар“ ми покажа дека оној што ги контролира податоците ја контролира иднината - вели лажниот Закерберг.


Видеото настана како дел од изложбата „Спектар“ што се одржува во рамките на фестивалот за документарен филм во британскиот Шефилд.

Автори на видеото се уметниците Бил Постерс и Даниел Хови, со помош на рекламната агенција „Кени“.

На прв поглед на гледачите може да им се чини дека видеото е вистинско, но откако ќе почне да зборува, гласот на Закерберг малку е необичен и не е во согласност со движењето на неговата уста.

Иако станува збор за лажно видео, тоа е доволно уверливо за да покаже колку може да биде опасна ваквата технологија.

- Оваа технологија ќе го промени начинот на кој ги раскажуваме и споделуваме нашите приказни, ги помниме луѓето што ги сакаме и создаваме содржина - вели Омер Бен-Ами од „Кени“. Тој смета дека користењето вештачка интелигенција и „deepfake“ видеа се следниот чекор во дигиталната еволуција на човештвото. Видеото од Закерберг е едно од неколкуте направени од „Кени“ во соработка со „Постерс“. На другите видеа се појавуваат Ким Кардашијан и Доналд Трамп.


Инаку, од „Инстаграм“ порачаа дека видеото нема да биде отстрането, иако очигледно е лажно.

- Ако нашите фактографи проценат дека станува збор за лажно видео, ќе го отстраниме од резултатите на пребарувањата - порачуваат од „Инстаграм“, компанија чиј сопственик е „Фејсбук“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија