X
 08.09.2019 Технологија

Повеќето Американци веруваат дека полицајците одговорно ја користат технологијата за препознавање лица

Ново истражување за чувствата на Американците во однос на технологијата за препознавање лица покажа дека повеќето од нив се подготвени да ја стават оваа технологија во рацете на службите за спроведување на законот, но откри и дека просечните луѓе имаат слаби разбирања за способностите и недостатоците на технологијата.

Испитувањето на истражувачкиот центар „Пју“, спроведено меѓу 4.272 возрасни Американци, покажало дека 56 отсто веруваат дека службите за спроведување на законот одговорно ќе ја користат технологијата, додека 59 отсто рекле дека би ја поддржале употребата на оваа технологија за да се набљудуваат јавни места и да се откриваат закани за безбедноста.

Американците изразиле многу помала поддршка за користење на технологијата од страна на технолошките и маркетинг-индустриите.

Само 36 отсто од испитаниците рекле дека веруваат дека технолошките компании одговорно ја користат технологијата, а оскудни 5 отсто рекле дека имаат голема доверба во компаниите. Уште помалку испитаници изразиле доверба во рекламаторите, па само 18 отсто рекле дека им веруваат на маркетинг-компаниите дека одговорно ја користат технологијата, а само 2 отсто имаат голема доверба во компаниите.

Еден од најпоучните делови од истражувањето е посветен на верувањата на Американците во точноста на денешната технологија за препознавање лица.

73 отсто од испитаниците истакнале дека веруваат оти технологијата во одредена мера или многу е ефикасна во точната идентификација на лицата. 63 отсто го дале истиот одговор кога биле прашани дали мислат дека технологијата може точно да го идентификува полот на лицата, додека 61 процент го мислеле истото за способноста на технологијата за одредување на која раса ѝ припаѓа човекот.

Тие бројки се сосема спротивни на многубројните студии во кои се истакнуваат многуте маани на технологијата, особено кога има задача да идентификува луѓе што не се белци и не се мажи.

Оваа неусогласеност може да се објасни со уште еден дел од истражувањето, фокусиран на она што испитаниците всушност го знаат (или мислат дека го знаат) за технологијата. Додека големо мнозинство од испитаниците (86 отсто) рекле дека барем слушнале нешто за технологијата пред да учествуваат во испитувањето, само 25 отсто рекле дека слушнале многу за истата.

Можеби највознемирувачкиот заклучок е тоа што додека повеќето Американци веруваат дека службите за спроведување на законот одговорно ја користат технологијата, тие можеби не знаат доволно за технологијата за да сфатат што би значело нејзиното користење.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија