Дали некогаш сте слушнале за доктор Јоханес Аскеволд Јоханесен? Исланѓанец. Улица во српскиот Рековац го носи неговото име.
Овој доктор го има задолжено српскиот народ, а како од најсеверната европска земја, од островот на лавата, мразот и снегот дошол во Србија, прочитајте во продолжение.
Јоханес бил роден на 7 ноември 1886 година, на Исланд, од татко Норвежанец во Берген, кој живеел во Рејкјавик и се занимавал со трговија. Завршил медицина во Копенхаген во 1914 година и веднаш заминал во Лондон со колега. Таму нашол оглас во кој се барале лекари, кои со Црвен крст требало да заминат за Србија на помош, за време на Големата војна. Пристигнале во Србија и веднаш ѝ се приклучиле на српската војска. Колегата на Јоханес починал од тифус, а д-р Јоханес со војската се повлекол преку Албанија во Грција.
По војната извесен период работел во Дебра, а најмногу во Рековац.
По окупацијата во 1941 година им се придружил на партизаните, со кои првпат се сретнал во Левча, а поголемиот дел од своето време го поминал како лекар во тогашните болници. По нивното заминување, се вратил на својот повик, а потоа ѝ се приклучил на југословенската војска. И покрај неговото херојско однесување за време на војната, тој бил познат по својата скромност. Се оженил со Србинка во 1948 година.
Во еден исландски весник во 1965 година се појавил интересен напис за неговиот живот во Рековац за време на Втората светска војна. Во текстот пишува дека многу деца Ромчиња живееле во Рековац, а Германците и нив ги третирале како пониски суштества или животни и ги носеле во концентрациони логори. Еден ден Германците дошле во Рековац со намера да ги соберат и да ги однесат во логорот.
Еден од Ромите отишол кај доктор Јоханес да го моли за помош, иако не знаел како можел да му помогне. Докторот размислувал еден момент, ја зел докторската торба и големо парче хартија, одејќи кон домот на овие луѓе. Кога стигнал, Германците сè уште ги немало.
На парчето хартија со големи букви напишал: „Жолтица, не допирајте!“, а хартијата ја закачил на влезната врата. Потоа на едно дете му ставил инекција поради која кожата му пожолтела и тоа кренало температура, но без сериозни последици. Тој му рекол на семејството да се преправа дека е загрижено за болното дете. Кога докторот заминал, пристигнале Германците и ја опколиле куќата за никој да не може да избега. Кога го забележале предупредувањето на влезната врата, го напуштиле Рековац најбрзо што можеле.
Докторот соработувал и со четниците, а потоа им се придружил. По војната, поради неговото четничко минато, комунистите го оставиле настрана и докторот паднал во заборав. Живеел скромно со семејството во селото Ратковиќ, меѓу Рековац и Крагуевац. Иако подоцна му биле понудени високи политички функции и поудобен живот, тој избрал да живее скромно со семејството, не наплаќајќи им здравствени услуги на сиромашните семејства.
Тивко, заборавен и од државниот режим и од јавноста, починал на 28 февруари 1958 година. Неговиот гроб го посетувале селани, а кога тие генерации починале, сѐ отишло во заборав.
Сепак, неговите добри дела не останале непознати во неговата татковина Исланд, каде што иако со задоцнување, бил објавен неговиот некролог.
Во 1965 година локалните медиуми на две страници ја објавиле приказната за д-р Јоханес, прогласувајќи го за српскиот Шиндлер.
Конечно, денес една улица во Рековац е именувана во негова чест.