X
 18.05.2017 Култура

„Пеколот“ на Данте како гротескна слика на тогашните политички состојби

Постојат малку уметнички дела  како што е „Божествената комедија“ од  Данте Алигиери, чие влијание  и актуелност не се намалуваат низ историјата. Составена од три дела: Пеколот, Чистилиштето и Рајот, и денес претставува ремек-дело каде можат да се увидат сите тогашни  историски, социјални и политички случувања.

Особено „Пеколот“, кој претставува сеопфатна критика на тогашното општество, а можеби дури и мапа на политичкото бунтовништво во времето во кое живеел и творел.

„Пеколот“ на Данте е поделен на девет кругови и предворје, каде се илустрирани сите личности и активности кои се спротивставувале на средновековните светогледи, и религиозни и световни.

Првиот круг, таканаречен лимб, е граница на пеколот каде престојуваат некрстените души, укажува на значењето на крштевката за црквата, на еден догматски став кон лицата кои останале лишени од оваа света тајна, иако можеби нивните животи сведочеле за добрините кои ги правеле. Во овој дел Данте ги поставил Платон, Хомер, Цезар и уште неколку антички личности кои се родиле пред Христос. Најзначајната фигура во лимбот е поетот Вергилиј, авторот на „Енеида“, епот кој ги слави легендарните прапретци на Римското царство и Италијаните. Тој е водачот на Данте низ пеколот и низ поголемиот дел од чистилиштето.

Вториот, третиот, четвртиот и петтиот круг се поврзани со некои од седумте смртни гревови (лакомост, ненаситност, страст, гнев) кои се еден од темелите на христијанското учење. Овде се сместени оние историски личности кои според сфаќањето на Данте,  биле неумерени во овие особини до крајност, како Клеопатра, Семирамида и други.

Шестиот круг е предвиден за еретиците, противниците на Католичката црква, кои заради отстапување во сфаќањето на религијата биле прогонувани и најстрого казнувани. Според нив, во шестиот круг се наоѓа и Фридрих Втори, царот на Светото Римско царство. Еретичките учења удираат врз самите принципи на христијанството  и затоа нивното претставување морало да биде во негативен контекст.

Измамниците и насилниците биле сместени во седмиот и осмиот круг: убијците, заводниците, проститутките, хомосексуалците  и симонијатите, односно лицата кои со пари купувале црковни привилегии.  Данте тука „се среќава“ со Кајафа, папата Клемент Петти, Никола Трети и сите останати кои можел да ги поврзи со вакво однесување, а кои на извесен начин биле спротивни на неговите но и на вообичаените сфаќања во тоа време.

Синтагмата која била вкоренета во секојдневната комуникација и станала симбол за врвно зло е деветтиот круг од пеколот. Оваа најниска точка на светот била „насликана“ како место каде живее самиот ѓавол, а таму својата казна ја издржуваат предавниците.

Предавството најверојатно било најтежок престап во Средниот век . Од историските и митските личности кои симболизирале предавство низ вековите , таму биле затворени Каин, Птоломеј, Јуда Искариотски, Брут и сите останати кои го извршиле овој непростлив грев.

Политичката програма на Данте која е отелотворена во „Божествената комедија“,  го претставува неговиот личен  принцип од кој не сакал да се откаже, одбивајќи да се врати во родната Фиренца од каде што бил прогонет заради своите политички  ставови и убедувања.

Ова ремек-дело на Данте останува безвременско сведоштво на една епоха во кое се опишани правилата и начелата според кои живееле луѓето.  Или уште попрецизно, „Пеколот“ претставува напореден приказ на етичките, правните и политичките норми кои биле карактеристични за тогашна Фиренца па и Италија, но и за целата Европа која се развивала во скутот на црквата и феудалните владетели, а зародишот на новата доба, ренесансата, само бледо се „наѕирал“ во далечините.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура