X
 18.05.2018 Технологија

Никој не го разбира новиот закон за земјите од ЕУ

Сѐ повеќе луѓе се свесни дека нивните податоци се загрозени, пишува Алисон Кул во својата колумна. Откако излезе дека „Кембриџ аналитика“ злоупотребувала податоци за десетици милиони корисници на „Фејсбук“, се чини дека ништо не е сигурно. Се собираат сѐ повеќе податоци од паметни направи како термостати, аларми за бебиња, како и улични светилки и сообраќајни сензори приклучени на интернет.

Од САД сѐ повеќе очите се вперени кон Европа. Тие на европското „право да се биде заборавен“, со кое граѓаните можат да ги натераат компаниите да избришат некои нивни лични податоци, гледаат како на чекор кон враќањето на сопственоста на нивните интернет-податоци. За неколку дена, на 25 мај, Европската Унија го воведува најопсежниот сет правила за тоа што може или не може да се прави со податоците на корисниците.

Општата одредба за заштита на податоците (ГДПР) се однесува на заштитата на поединци во врска со обработката на личните податоци или слободата на пренесување на податоците. Поборниците за регулативата се убедени дека новите закони ќе воведат ера на дигитална демократија на интернетот, кој сега е под контрола на корпорациите.

Меѓутоа, постои еден проблем. Никој не ја разбира ГДПР.

Регулативата е многу сложена. Таа настана по три години интензивно лобирање и постојани преговори. Европскиот парламент објави нацрт-закон и доби дури четири илјади предлог-амандмани, што само покажува колку различни групи ќе ги почувствуваат последиците од новата регулатива. Големите и малите компании, државните служби, академските институции, сите на некој начин ги користат личните податоци, но сите ги користат за различни цели.

Освен тоа, постојат и разлики во сфаќањето на некои работи, што создава дополнителна сложеност на регулативата. „Њујорк тајмс“ наведува еден очигледен пример. Германците, сѐ уште во страв од самата помисла на нацистичка Германија, со сомнеж гледаат на какво било собирање лични податоци. Од друга страна, луѓето од скандинавските земји на собирањето лични податоци гледаат благонаклонето. Тоа ги потсетува на добрите страни на социјалните држави што се грижат за своите граѓани.

Токму поради тоа, регулативата на некои места е навистина неодредена. Таа би требало да овозможи полесен проток на информации, но истовремено да им даде на луѓето поголема контрола над нивните податоци. Разликите меѓу сегашните и идните технологии намерно се опишани со широки принципи кои би требало да овозможат полесна имплементација на законот во непредвидено опкружување.

Сите тие принципи не секогаш се совпаѓаат со актуелните начини за заштита на податоците. Регулативата вели дека сите оние што ги процесираат личните податоци мора да ја покажат својата одговорност делумно преку ограничување на собирањето податоци само во одредени цели. Добро звучи на хартија, но развојот на вештачката интелигенција користи податоци за обука на компјутери на полето на носењето одлуки кои не можеме да ги предвидиме однапред.

Фото: Express

Минатата година, некаде по одобрувањето на регулативата, Алисон разговарала со повеќе експерти, кои повторувале дека не ја разбираат регулативата. Се сомневале дека воопшто е остварлив амбициозниот план за спроведување и почитување на ГДПР.

- ГДПР вели дека мораме да имаме адекватна сигурност и слично. Одлично. Но, што значи да се има адекватна сигурност - праша еден експерт.

Што точно значи секоја регулативата, веројатно ќе одлучат многубројните европски судови.

Важно е да се напомене дека ГДПР не е изгубен случај. Потребни се правила за личните податоци. Сепак, законските рамки, особено обемните и сложените, не можат да бидат единствениот начин на водење на целиот процес на заштита на податоците.

Кога веќе постои конечна цел за промена на начинот на користење на личните податоци, потребни се повеќе истражувања за тоа како се собираат податоците, кој ги собира и како ги користат. Законодавците тогаш би требало да ги искористат сите тие истражувања како темел за развој на практичните правила.

На крајот би требало да има низа прагматични насоки кои им имаат смисла на луѓето што работат со податоци и тие би можеле да направат многу повеќе за заштита на нашите податоци отколку законот кој ветува промена на интернетот, но не и начин на кој ќе дојде до таа промена.
Подготвил: Билјана Арсовска

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија