X
 05.11.2019 Живот

Макрон: Пресудна е европско-кинеската соработка за намалување на емисиите на штетни гасови

Соработката помеѓу Европа и Кина за намалување на емисиите на штетни гасови одговорни за климатските промени ќе биде „пресудна“, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон.

Неговата изјава уследи откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека поднела формално барање за повлекување на САД од Парискиот договор за климата.

- Сакаме да бидеме во согласност со Парискиот договор, следната година мора да ги зголемиме своите обврски за намалување на емисиите и мораме да ги потврдиме новите обврски за 2030 и за 2050 година. Соработката помеѓу Кина и Европска Унија е пресудна за тоа. Следната година мораме, во согласност со програмата за подобрување, колективно да преземеме задача - наведе Макрон.

Кина и Франција на овогодишниот Самит на Г-20 ветија дека ќе ги „актуализираат“ своите придонеси во борба против климатските промени.

Повлекувањето на САД од Парискиот договор е формален чекор во едногодишниот процес за излегување од глобалниот сојуз за борба против климатските промени, а дел од пошироката стратегија на Трамп за намалување на преголемата регулација во американската индустрија.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера изјави дека предал официјално известување до Обединети нации, со што почнува процесот на повлекување, кој трае една година.

Помпео го нарече Парискиот договор „економски нефер товар“ за американската економија.

Околу 200 држави го потпишаа Парискиот договор за климата, според кој секоја земја поставуваше цели за намалување на емисиите на штетни гасови.

САД се прва држава што се повлекува од Парискиот договор.

Американскиот претседател Доналд Трамп на средината од 2017 година донесе одлука за повлекување од Договорот за климата, но не беше возможна реализација бидејќи Договорот забранува повлекување на земја во текот на првите три години од ратификацијата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот