X
 18.05.2021 Наша тема

Интервју со проф. д-р Владимир Ивановски: Се чини дека и без многу пари научниците продуцираат трудови. Но тоа е само навидум така!

Изгледа дека и без големи финансиски вложувања во науката од страна на државата научниот кадар продолжува да продуцира научни трудови, но тоа е само навидум така, предупредува проф. Ивановски

Науката, истражувањето и иновациите се клучни носители на општествено-економскиот напредок на секоја држава. Лани за наука во Македонија од буџетот биле издвоени 300 милиони денари, а годинава таа сума изнесува 405 милиони денари. Дали овие вложувања се доволни? Што е потребно да се направи за да имаме што повеќе научни истражувања, а следствено на тоа и прогрес на државата? Кои ресурси им се потребни на македонските научници за да можат посветено да се занимаваат со наука? За овие прашања одговори побаравме од проф. д-р Владимир Ивановски, редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, кој за Факултети.мк посочува што е она што е добро, како и што е она што треба да се менува.

Во нашата земја се трошат најмалку пари за научноистражувачка дејност, ако се спореди нашиот буџет со оној на земјите во регионот. За наука, Македонија од државниот буџет издвојува 0,2 отсто од БДП, а во Словенија, на пример, овој процент е 2,2. Кога се зборува за наука, парите се неопходни за да може да постои каков било прогрес во овој дел. Кој е Вашиот коментар на ова?

- Точната бројка за тоа колку се издвојува за науката во Македонија јас не ја знам, но од претходни согледувања веројатно сте блиску до неа. Науката е скапа работа и доколку ѝ се пријде сериозно, на долг рок вложувањето во неа вродува со плод. Во таков случај не зачудува фактот што во земјите во светот и во Европа кои имаат стратегија за општ развој на индустријата, иновациите, образованието, медицината и сето она што е важно за развојот и стабилноста на една земја, посебно место зазема финансиското издвојување за одржување на науката и особено нејзиниот развој. Ја споменавте Словенија која по број на население и територија би била споредлива со Македонија, што се најчестите параметри за споредба во последно време. На листа на SJR (Scimago Journal Country Rank), која ги собира и обработува податоците од SCOPUS, што е меѓународна база на податоци во врска со индексирање на научни трудови на повеќе од 36.000 списанија, Словенија е на 52. место, а Македонија на 97. место од вкупно 240 земји во светот, сумирано за периодот од 1996 до 2019 година. Гледајќи ги само овие бројки, некој ќе рече дека и не сме толку далеку една од друга. Но, Словенија има нешто повеќе од 96.000 релевантни статии, а Македонија 12.117 во наведениот временски период. Исто така, на ниво на Источна Европа, Словенија учествува во вкупниот број печатени научни трудови со максимални 3,61 % во 2012, а Македонија по истата ставка има максимум во 2014, со 0,49 %. Наjвисока цитираност на научни статии на автори од Македонија имало во 2015 година, и тоа 708, а Словенија истата година го има максимумот со 5.036 цитати. Цитираноста е во директна врска со квалитетот на објавените статии, колку поголема цитираност, толку научната статија е повредна на меѓународниот научен пазар.



Институтот за хемија е еден од оние што најмногу се занимаваат со научноистражувачка работа, или барем така беше до пред некоја година. Каква е сега состојбата, дали ги имате потребните ресурси за да можете да се занимавате со наука?

- Во право сте, Институтот за хемија, но и целиот Природно-математички факултет во рамките на УКИМ негува традиција наставниот кадар и подмладокот, како што се асистентите и соработниците, да се занимаваат со научноистражувачка работа. Ќе се навратам на статистиките од SJR за да можам да одговорам на вашето прашање. Во периодот од 1996 до 2019 г. ПМФ грубо учествува со 39 %, додека хемија со 10 % во науката во Македонија. Институтот го достигнува својот максимум во печатењето во 2001 година, во однос на процентуалната застапеност, кога покрива 31 % на сè што таа година научно се печатело во Македонија. Во претходната година (2000), на Институтот имало 58 вработени, од кои 44 наставници. Голем број од останатите 14 вработени се асистенти кои работат на своите магистерски и докторски тези (јас сум примен во 1998 година како стручен соработник). Во тој период Институтот се екипира со голем број инструменти, инфрацрвен фурие-трансформен спектрометар и хроматографски апарати, и рамански спектрометар и други, најголем дел преку европски фондови и проекти, како и помош од државата. Ваквата комбинација, на голем број ментори и млади ентузијасти во делот на асистентите и соработниците, заедно со набавената научноистражувачка опрема, резултира со 65 труда од областа на хемијата во 2001 година. И политиката на Институтот за хемија беше прилично строга во тоа време и се бараше најмалку два печатени труда од областа на докторската работа во релевантно списание од странство со фактор на влијание, каде што барем на едниот труд кандидатот за доктор на науки е прв автор. Големиот број национални проекти, како и билатералните проекти кои започнаа да се финансираат од МОН со потпишување билатерални договори со земјите од регионот, а потоа и светот, придонесе за драстично зголемување на научната актива на Институтот за хемија за од 28 научни труда во 1998 да порасне на 65 печатени во 2001 г. Тоа може да се види и преку бројките за меѓународната соработка во научните трудови, која од 37,5 % во 1996 расте до 74,6 % во 2002 година. Да појаснам само што е можеби главната причина за оние нескромни 31 % што ги споменав на почетокот. Во таа година, на ниво на Македонија имало само 208 публикувани научни трудови. Во 2019 има 934 трудови. Интересно е дека иако кадарот на Институтот за хемија е преполовен во 2021 (19 наставници, 2 асистенти и 4 стручни соработници), активноста со варијации во бројот на публикации низ годините е стабилна, со просечно 56 научни работи годишно.

Што Ви е потребно за да имате подобри услови да се посветите на наука и да истражувате?

- Од претходно кажаното, изгледа дека и без големи финансиски вложувања во науката од страна на државата научниот кадар продолжува да продуцира научни трудови, но тоа е само навидум така. Причината е дека постои инерција кај научниците кои биле претходно активни и се тековно активни, преку изнаоѓање најразлични патишта, а во основа проекти финансирани надвор од државата и тековни соработки со странство, за да се работи наука и да се објавуваат резултатите. Мое предвидување е дека во наредните 10 години овој број драстично ќе спласне во делот на природните науки, ако некои работи не се променат. Кои се работите во кои би интервенирал?
- Човечки капацитет. За поздравување се новите вработувања во 2020 г. на ПМФ од страна на МОН, со што се зајакнува научниот капацитет на факултетот во иднина. Ваквиот тренд треба да продолжи.
- Потребни се стипендии за докторски студии за студенти кои би студирале на трет циклус. Висината за студирање на трет циклус варира од факултет до факултет, но најмалку е околу 4.500 евра, а може да достигне и до 8.000 евра. Државите во странство нудат стипендии за нашите најдобри студенти и на таков начин ги губиме од системот на истражување, а тие што остануваат не се секогаш спремни или не можат да издвојат средства. Да напоменам дека докторандите се влечната сила на науката во една држава. Без нив не може да се сработи солидно ниту еден научен проект, а соодветно и да се публикуваат научни трудови.
- Потребни се национални проекти (кои ги нема десетина години наназад), како и повеќе билатерални научноистражувачки проекти. Националните проекти можат да бидат нискобуџетни како порано, за да го одржуваат тонусот во науката, или високобуџетни како во дел од европските земји, каде што за професорот/истражувачот да го добие проектот, нужно е вработување на минимум број докторанди, кои ќе работат врз проектот и ќе докторираат во рамките на проектот. Исто така, во рамките на проектот се предвидени средства за купување солидна истражувачка опрема.
- Помагање на лаборатории со инструменти е следниот чекор. Последното големо инвестирање од страна на државата беше во 2011 година. Со текот на времето инструментите се амортизираат и потребна е замена на делови, а честопати и на цел инструмент. Не сите факултети имаат финансиски можности да асистираат во истото. Од тие причини, според мое видување, потребно е создавање на определен финансиски фонд на државно ниво, каде што факултетите и институтите би конкурирале за средства. Другата опција е државата преку МОН да изврши увид во научноистражувачките лаборатории и да помогне таму каде што е најпотребно.



Основна цел на институтите е да се занимаваат со наука, која е најважна за прогрес на општеството. Дали сметате дека има наука во Македонија?

- Секако дека има наука во Македонија. Од претходните бројки може да видиме дека општ подем во науката постои. Малку можеби загрижува квалитетот на печатените трудови, бидејќи општата цитираност на ниво на Македонија во 2001 била 80 %, т.е. толкав процент од статиите биле барем еднаш цитирани во друга научна статија, за во 2005 овој процент да биде 64 %, а во 2008, 67 %. Тоа што радува е дека сè поголем број научни работници од различни подрачја на науката се активираат преку пренесување на своите научни искуства во пишана форма и нивно публикување во реномирани списанија, што придонесува за светската видливост на нашата наука. За жал, на вкупната светска научна листа во 2001 и 2011 година Македонија го заземала 92. место, додека во 2019 година 100. место. Падот од 8 места би можел да се поврзе со побрзиот научен напредок во овој временски период на држави во светот како Босна и Херцеговина, Бахреин или Палестина. Во рамките на Источна Европа, во 2001 сме го зазеле 19. место од вкупно 23 земји, додека во 2011 и 2019 година - 20. место. Последниве податоци укажуваат на тоа дека на светската научна листа полека го губиме темпото, а на Европската табела сме прилично при крајот (Словенија за споредба е на 10. место). Исто така, од изнесените податоци може да се каже дека немало значителни поместувања на македонската наука споредено со европската наука и регионот во последните 20 години.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема