X
 18.05.2026 Живот

Објавена листа со најбезбедните земји за патување за 2026 година

Ако безбедноста ви е еден од главните критериуми при избор на дестинација за одмор, од корист ќе ви биде најновата листа на компанијата „Беркшир хетавеј травел протекшн“. Оваа компанија веќе десет години прави ранг-листа со најбезбедни земји за патување, а новото истражување ги откри дестинациите што денес важат за најсигурни за туристите.

На листата се најдоа земји познати по ниска стапка на криминал, политичка стабилност и квалитетна инфраструктура, но секоја од нив има и одредени специфичности на кои патниците треба да обрнат внимание.

Холандија


Според овогодишното истражување, Холандија е прогласена за најбезбедна дестинација за туристи, особено за жените. Земјата е позната по мирната атмосфера и високиот квалитет на живот, но постои една работа на која туристите често не се подготвени, а тоа се велосипедите.

Во градови како Амстердам, велосипедистите имаат речиси апсолутна предност, па невнимателните пешаци лесно можат да завршат среде хаотичен сообраќај на велосипедските патеки.

Австралија

Австралија е високорангирана поради политичката стабилност, нискиот криминал и строгите закони за оружје. Туристите ја сметаат за многу безбедна дестинација, без разлика дали доаѓаат за време на европско лето или зима, бидејќи годишните времиња таму се обратни.

Сепак, посетителите мора да бидат подготвени за строги правила при влез во земјата, особено во однос на внесување храна и други производи.

Австрија

Австрија оваа година неочекувано се најде меѓу водечките безбедни дестинации, иако минатата година не беше на листата. Најголем плус ѝ донеле политичката стабилност и мирната средина.

Сепак, американскиот Стејт департмент предупредува на повремени демонстрации во Виена, па на туристите им се препорачува дополнителна внимателност при поголеми собири.

Исланд

Исланд години наназад е синоним за мир, безбедност и спектакуларна природа. Сепак, токму природата понекогаш може да создаде проблеми.

Земјата оваа година падна од првото место поради зголемена вулканска активност, која повремено предизвикува проблеми во авионскиот сообраќај и го отежнува патувањето низ островот.

kanada
Фото: Magnific

Канада

Канада важи за една од најстабилните и најбезбедни земји во светот. Ниската стапка на криминал, квалитетниот здравствен систем, безбедниот јавен превоз и добрата економска состојба ја прават многу привлечна за туристите.

Сепак, во големите градови како Торонто и Ванкувер патниците треба да внимаваат на правилата за паркирање и безбедноста на автомобилите, бидејќи дури и оставање отклучени врати може да предизвика проблеми.

Нов Зеланд

Нов Зеланд со неверојатната природа и мирниот начин на живот привлекува патници од целиот свет.

Земјата се смета за многу безбедна, но истражувањето предупредува дека некои авантуристички локации можат да бидат опасни без водич. Глечерите и планинските предели, колку и да се фасцинантни, можат да претставуваат сериозен ризик за неискусни туристи.

Швајцарија

Швајцарија е позната по неутралноста и политичката стабилност, поради што со години е меѓу најбезбедните држави за патување. Најголемите опасности таму не доаѓаат од луѓето, туку од природата.

Лавини, одрони на карпи, свлечишта и нагли промени на времето на Алпите претставуваат најголем ризик за туристите во планинските предели.

Јапонија

Јапонија е една од земјите со најниска стапка на криминал во светот, а културата на ред и почитувањето на правилата дополнително придонесуваат за чувството на сигурност. Сепак, патниците треба однапред да проверат кои лекови ги носат со себе.

Јапонија има многу строги правила за одредени лекови, па некои лекови што се дозволени во други земји можат да бидат забранети при влез во земјата.

Ирска

И Ирска е високорангирана поради малиот број насилни злосторства, малата распространетост на оружје и политичката стабилност. Сепак, постои една работа што често ги збунува странските туристи - возењето на левата страна од патот.

Извор: Nova.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот