Истражување објавено во „Би-ем-си псајколоџи“ кон крајот на минатата година тврди дека постои директна врска помеѓу обожавањето на познатите личности и послабите резултати на когнитивните тестови што ги мерат и писменоста и математиката.
Во истражувањето биле анализирани 1.763 возрасни Унгарци, од кои било побарано да полагаат тест во кој имало 30 збора, како и тест за замена на цифри, пред да пополнат прашалник за да се утврди нивното ниво на интерес за познати личности.
Истражувачите откриле дека поголем интерес за животите на славните е поврзан со послаби резултати на двата теста за когнитивни способности.
Учесниците биле прашани и за нивните приходи, финансиската состојба и степенот на образование.
Нејасно е која е причината, а која е последицата
Сепак, истражувачите не можеле да утврдат дали луѓето што опсесивно ги следат животите на познатите личности имале лоши резултати од тестот затоа што ги трошеле своите капацитети на содржини за познати личности или следеле таква содржина затоа што биле помалку интелигентни.
Со други зборови, не е јасно дали обожавањето на познатите личности е причина или последица на ниската когнитивна функција. Истражувачите велат дека се потребни повеќе студии.
Потребни се дополнителни истражувања
- Идните студии треба да бараат дополнителна потврда за нашата сугестија дека когнитивниот напор вложен во одржување на интересот за животите на омилените познати личности може да ја попречи работата на една личност во задачи кои бараат внимание и други когнитивни вештини - изјавија неодамна истражувачите.
- Иако нашето истражување не докажува дека развивањето силна опсесија за омилената славна личност предизвикува пониски оцени на когнитивните тестови, тоа посочува дека е мудро да се следи внимателно - додаваат тие.
Иако некои луѓе можеби се чувствуваат лично нападнати од ова истражување, луѓето на „Твитер“ не се изненадени од резултатите од истражувањето.
- Мислам дека не беше потребно истражување за да се утврди тоа - пишува еден твитер-корисник, а друг додаде дека она што го загрижува е што луѓето кои ги обожаваат познатите личности никогаш нема да го прочитаат ова истражување.
Извор:
b92.net
Фото: Freepik