X
 18.06.2018 Технологија

Европа сака да го укине интернетот: Ќе мора да внимавате што и како објавувате!

Директивата за авторските права во единствениот дигитален пазар е новото правило од ЕУ што предизвика бурни протести.

Критичарите, меѓу кои и известувачот за слобода на изразување од ОН, Дејвид Кеј, испратиле официјално протесно писмо до Европската комисија. Дејвид смета дека оваа директива би можела сериозно да ја поткопа слободата на говорот на интернет, би се укинале популарните мемиња, би се закочил развојот на дигиталната технологија во ЕУ, значително би се попречило работењето на помалите компании и би се искомплицирале животите на корисниците на интернет.

интернет

Веќе долго време законодавен предлог од страна на ЕУ, па и неодамна воведениот ГДПР, не предизвикал толку бурни реакции и жестоки напади. За што всушност станува збор?

Станува збор за предлог на Европската комисија, претставен во септември 2016 година, поттикнат од Европскиот парламент, со кој би се вовела нова единствена регулација на авторските права на интернет во цела Европска Унија. Ова е добра причина за сомневање бидејќи и претходната директива за авторски права на почетокот на векот била длабоко компромитирана. Кога била донесена, медиумите пишувале дека никогаш никој толку жестоко во институциите на ЕУ не лобирал во врска со директива, како и тоа дека е рестриктивна во врска со авторските права. Било чудно и тоа што Европската комисија оставила релативно мала временска рамка за имплементација во националното законодавство. Навреме ја имплементирале само Грција и Данска, а потоа ЕК против шест земји-членки почнала кривична постапка како предупредување.

Накратко, ЕУ не се прослави со првата верзија на оваа директива, а голема е веројатноста дека нема да се прослави ниту со оваа нова верзија. Во неа речиси целата одговорност за заштита на авторските права се префрла на интернет-компаниите, кои би морале да преземат мерки што ќе обезбедат почитување на договорот постигнат со сопствениците на авторските права за нивните дела.

Најмногу се критикува членот 13, кој одговорноста за контрола на користење авторска содржина целосно ја префрлува на одредени интернет-страници, притоа воведувајќи ја идејата за автоматски филтер на содржина што де факто би забранило користење на популарни мемиња, како што е „Грампи кет“, но и цитати од „Википедија“ и други работи вообичаени и чест дел од интернет-комуникацијата. Членот 13 не предвидува правни санкции за проблемите што можат да настанат поради грешки на автоматските филтри, поради што се поставува прашањето како ќе се решаваат постапките на грешно отстранување на содржината од интернетот.

Со плаќање на лиценцата за користење антиплагијаторски програми секој интернет-провајдер чиј бизнис се потпира на дистрибуција на содржината на авторските права ќе мора да се обврзе на идна контрола на неговото користење. Поради одредбата во контроверзниот член, сите интернет-провајдери би биле принудени да го приспособат својот бизнис на законите на секоја од земјите-членки на ЕУ. Најверојатно тоа би бил комплициран и скап процес, што е буквално најлош можен начин за постигнување единствен дигитален пазар, а тоа е една од целите на оваа директива.

Против предлогот на новата директива е лансирана и онлајн-кампањата „Спасете го својот интернет“, а граѓаните од ЕУ се повикуваат да се спротивстават на цензурата и да ги преполнат еврозастапниците со протестни е-пораки.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија