По речиси три децении, еден од најсложените балкански спорови е завршен на брегот на Преспанското Езеро, со потпишаниот договор меѓу Македонија и Грција, официјално најавувајќи нова ера на мир, пишува британски „Гардијан“. Од весникот оценуваат дека ова е историски ден за регионот, кој долго време е потопен во политика на непријателство. Премиерите на двете соседни држави изјавија дека спорот за името на Македонија конечно е завршен, пишува во известувањето на „Гардијан“, во кое се коментира и дека потпишаниот документ ја брише и последната трага од старата Југославија.
Британски „Индепендент“, пак, истакнува дека церемонијата на Преспанското Езеро се одржа откако грчкиот премиер Алексис Ципрас го преживеа гласањето за недоверба и наведува дека по потпишувањето на договорот од страна на министрите за надворешни работи на двете земји, сега тој ќе треба да биде одобрен и од парламентите, а во Македонија ќе има референдум. „Индепендент“ пренесува и дека документот е пречекан со протести и во двете земји.
Истовремено, „Дејли телеграф“ коментира дека со потпишувањето е ставена точка на спор што ги труеше односите меѓу Грција и Македонија од 1991 година. Весникот посочува дека овој спор е еден од најдолгите дипломатски спорови во светот, што почна пред 27 години со прогласувањето на независноста на Македонија, но корените му се векови наназад. „Дејли телеграф“ коментира дека двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои се родени со само неколку месеци разлика во 1974 година, не отстапиле пред силните непријателски реакции во своите земји. Скопје се надева да добие датум за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ на самитот на Унијата на крајот на месецов, како и покана за влез во НАТО во средината на јули, пишува „Дејли телеграф“.
Фото: МИА
Американскиот „Њујорк тајмс“ забележува дека потпишаниот документ го отвора патот за проширување на ЕУ и НАТО. Весникот пренесува и дека од двете страни на границата имало жесток отпор.
„Фајненшл тајмс“ пишува дека церемонијата на потпишување на договорот била нарушена со протести.
Германски „Шпигел“ коментира дека Ципрас се надева дека со овој договор ќе биде прифатен како политичар од меѓународен ранг и дека сака да влезе во учебниците по историја како човек кој решил сложен национален проблем, што повеќе од четврт век разни претходни влади не можеле да го решат.
Мнозинството западни медиуми го оценуваат потпишаниот договор како историски.
Извор:МИА