Во САД не е толку популарно поседувањето
електричен ромобил колку што е изнајмувањето ромобили – корисниците преку мобилна апликација го наоѓаат најблискиот ромобил, го отклучуваат и со истата апликација плаќаат за негово користење – еден долар за користењето и по 15 центи за секоја помината милја.
По протестите од страна на граѓаните на Сан Франциско поради оставањето на ромобилите по тротоарите без никаква дозвола, градот распиша конкурс за нудење услуги за изнајмување електрични ромобили, а дека станува збор за голем бизнис најдобро покажува фактот дека за тоа се пријавија и големи фирми како „Убер“ и „Лифт“.
Но, кога се работи за ваков вид превоз, односно сервис за изнајмување електрични ромобили, една компанија доминира на пазарот – стартапот „Брд“ што неодамна стана компанија чија вредност достигна милијарда долари во најкраток рок досега.
Оваа компанија е основана пред помалку од една година, во септември 2017, а веќе во март годинава по првата рунда инвестиции од 100 милиони долари нејзината вредност беше проценета на 400 милиони долари, додека со најновата инвестиција од 150 милиони долари во месец мај, нејзината вредност се покачи на една милијарда долари.
Во новиот круг инвестиции се очекува вредноста на „Брд“ да се искачи на две милијарди долари, па брзината со која расте вредноста на оваа компанија е неверојатна, иако постои дилема каква ќе биде судбината на овој стартап во иднина, со оглед што на пазарот на електрични ромобили доаѓаат големи играчи како „Убер“ и „Лифт“.
Досега, компанија што за најкратко време достигна вредност од една милијарда долари беше компанијата за 3Д-печатење „Десктоп метал“, која ја достигна таа вредност година и половина по основањето.