X
 10.10.2018 Живот

Инженер од „Гугл“ преминал во стартап за половина плата и не му е жал

За Дарен Макук, напуштањето на високо платена работа во „Гугл“ за да работи во дебитантски стартап било многу лесен избор. Тешкиот дел била одлуката дали да остане таму.

Но, интеракцијата што ја имал со новиот извршен директор не само што го убедила да остане на помалку платената работа туку и го научила важна лекција за задоволството на вработените.

Макук, кој е софтверски инженер, го напуштил „Гугл“ по една година откако неговата претходна компанија, маркетиншкиот стартап наречен „Торо“, била „освоена“ од страна на технолошкиот гигант. Сакајќи повторно да работи во помала компанија, тој размислувал за заминување откако му било понудено да работи во нов стартап наречен „Квил“ (Qwil).

Иако било предвидено да зема половина од платата што ја земал во „Гугл“, предизвикот да го напушти гигантот бил голем. Но, тој сè уште бил загрижен дека нема да се вклопи во „Квил“, компанија за финансиска технологија која потпомага плаќање меѓу фриленсери и компаниите за кои тие работат. Макук му кажал на извршниот директор на „Квил“, Џони Реинш, дека размислува да се врати во индустријата за видеоигри, каде што претходно работел.

- Му кажав дека ќе се чувствувам лошо ако се вклучам и дека по една година сакам да си заминам - вели Макук.

Но, одговорот на извршниот директор веднаш му ја променил перспективата.

- Тој одговори: „Ако не можеме да те направиме доволно среќен за да останеш подолго од една година, тоа е наше“. Ова беше првпат кога почувствував дека компанија - не само луѓето во неа - би ја делела одговорноста за моето вработување и тоа е нешто што не сфаќав дека ми е потребно - објаснува Макук.

Дарен Макук
Фото: Business Insider

Минатиот април, додека се приближувала втората годишнина од работата на Макук во „Квил“, стартапот објавил дека собрал 5 милиони долари во првиот круг на финансирање. Тоа значело дека Реинш можел да си дозволи да им ги зголеми платите на вработените.

Сепак, кога Реинш му понудил покачување на Макук, инженерот го одбил.

- Од она што го видов во компанијата и начинот на кој ја водеа, бев убеден дека би биле успешни и сакав да направам сè што можам за да помогнам да го постигнеме тоа - објаснува Макук.

Но Реинш не прифаќал „не“ како одговор и инсистирал инженерот да го прифати покачувањето. За Макук, тоа само ја потврдило неговата одлука од пред две години да остане во „Квил“.

- Одговорот на Џони ми покажа дека тој си стои на зборот - дека продолженото вработување е нешто за што и двајцата сме одговорни. Можеби изгледа како нешто мало, но ваквите нешта ме тераат да сакам да направам повеќе како вработен - вели Макук.

Во меѓувреме, за Реинш, искуството му потврдило дека задоволството на вработените од работата е еднакво важно како и нивната плата.

- Вистината е, колку пари добивате секој месец е едно нешто. Колку задоволство добивате секој месец е друго нешто. И делењето на тие вредности со луѓето што ги вработувате е најдоброто чувство на светот - напиша тој на „Линкдин“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот