X
 18.07.2020 Наша тема

Археолозите го открија најстарото парче керамика со насликан човек во Македонија

Горниот дел на телото бил изведен со една подебела вертикална линија, од која биле изведени рацете, раскажува археологот м-р Перо Синадиновски

Најстара претстава на човек насликан на керамички сад пронајдоа археолозите на археолошкиот локалитет Ограѓе, кај скопското село Орман. Ископувањата биле спроведени есента, но предметот е евидентиран пред два месеца, за време на кабинетските истражувања и обработката на материјалот. Заштитните истражувања ги спровел Конзерваторскиот центар Скопје, каде што во моментот се наоѓа материјалот. Инвеститор на истражувањата бил Игор Стевковски, сопственик на земјиштето на кое постоеле индиции дека има неолитска населба.


Перо Синадиновски

Археологот м-р Перо Синадиновски, во моментот невработен, бил ангажиран на ископувањата на споменичката целина на античка населба Коњушница кај селото Орман. Тој раководел со ископувањата на една сонда на теренот. Со ископувањата раководела Вера Атанасовска, археолог, виш конзерватор, а учествувале и Никола Ѓуровски, археолог, конзерватор и археолозите Кирил Денковски, Ненад Пивко и Ѓорѓи Букчевски. Законот вели дека ако на нечие приватно земјиште се појават археолошки предмети, теренот мора да се истражи, предметите да се документираат и отстранат за да може сопственикот да го користи земјиштето.

Двослојна населба од средниот неолит

Археолошкиот локалитет Ограѓе се наоѓа на јужната страна од селото Орман, непосредно пред влезот во селото од патот кон Волково. Населбата се наоѓа на ниска тераса на околу 500 метри западно од реката Лепенец.

- На ова место беа пронајдени остатоци од 5-6 век и од неолитскиот период, околу средината на 6 милениум пред новата ера. На местото каде што имаше најголема концентрација на неолитска керамика на површината отворивме сонда со димензии од 12х9 метри. Констатиравме двослојна неолитска населба од средниот неолит, како дел од Анзабегово-Вршник културната група во 3-4 хронолошка фаза. Оваа населба живеела околу средината на 6 милениум пред нова ера кога во Скопско живееле повеќе населби, како што се Тумба Маџари, Слатина кај селото Зелениково, Церје кај Говрлево и други - објаснува Синадиновски.


Дел од предметите пронајдени на локалитетот

Археолозите имале среќа и наишле на интересни ситуации и во двата слоја, движни предмети и недвижни објекти. Во помладиот слој откриле основа од куќа, што ја ископале на површина од 7х4 метри. Не можеле да ја откопаат во целосните димензии поради ограничениот простор. Куќата била градена од земја и кал, кои биле нанесени на преплет од дрва, а подот бил од набиена земја. Во северниот агол пронашле основа од печка, околу која имало една мелница и два мелнички камења (горните камења со кои се притискало на мелницата).

- На околу 3-4 метри источно од куќата беа пронајдени две огништа на отворено, а северно од куќата, на околу 3 метри беше пронајдена групација од 8 камења и едно огниште до нив. Колеги од Србија и од Шпанија направија анализа на камењата и утврдија дека два од нив биле користени за обработка на храна, а еден за обработка на коскени и камени орудија. Најверојатно се работи за стопански дел од населбата каде што се обработувала и приготвувала храната, како и коскените и камените орудија, односно еден вид летна кујна, што се потврдува и со присуството на фрагменти од складишни садови. Во постариот слој исто така беа откриени остатоци од куќа и едно огниште на отворено 6 метри источно од неа. Од ситуацијата што ја имавме во помладиот слој можеме да претпоставиме дека куќата страдала во пожар, а за краток период била поплавена од Лепенец која дотекла од северната страна - објаснува Синадиновски.

Откриени 25 фрагменти антропоморфни модели на куќа

Поради поплавата, голем дел од движните предмети биле фрагментирани и дислоцирани. Археолозите ископале околу 2.200 фрагменти од керамички садови. Ги издвојуваат црносликаните пехари на висока нога како вистински ремек-дела од неолитските керамичари. Синадиновски вели дека, за среќа, неколку садови можеле да ги реконструираат целосно. Покрај садовата керамика, археолозите откриле 25 фрагменти од антропоморфни модели на куќа (попознати како Богинка Мајка), неколку антропоморфни фигурини, жртвеници, коскени орудија, кремени и камени ножеви, секирки и така натаму.


Антропоморфни фигури познати како Богинка Мајка

- Би сакал да се задржам на една претстава на човек кој бил насликан на дното на отворена чинија на висока, масивна нога. Горниот дел од телото бил изведен со една подебела вертикална линија, од која биле изведени рацете. Едната рака била свиткана во лактите и положена на бедрата, а другата крената нагоре, исто така свиткана во лактот. Бедрата се пренагласени, а нозете биле изведени како заострени во долниот дел. Иконографски оваа претстава потсеќа на антропоморфните модели на куќа поради тоа што бедрата се пренагласени, а едната рака е потпрена на нив, така што на прв поглед остава впечаток дека се работи за женска претстава. Но, со подетален преглед на фигурата забележавме присуство на трета нога која била била насликана веднаш до левата нога, па заклучивме дека се работи за претстава на машкоста на неолитскиот човек, или можеби бог на плодноста во неолитскиот период. Ова е досега најстара претстава на човек насликан на керамички сад на територијата на нашата земја - вели Синадиновски.


Најстарата претстава на човек насликан на керамика

Тој додава дека ваквите претстави се ретки во неолитскиот период на овој дел од Балканот. Во соседството има неколку ретки примери кои хронолошки се врзуваат со овој наод – неколку се во Бугарија и во Грција. Поголема е бројката на релјефно изведени претстави на човек на садовите, главно со слична иконографија и поставеност на телото. Според Синадиновски, во нашата земја слична претстава има на локалитетот Цоцев Камен, Кратовско, каде што во мала вдлабнатина во карпата има насликано човечки претстави. Цртежите не се точно датирани, но поради присуството на неолитска населба таму, можно е да потекнуваат од тој период.

Како живееле луѓето пред 7.500 години


Предметите се датирани во неолитот, околу 5.000-5.500 година пред новата ера. На прашањето како живееле луѓето во овие краишта пред 7.000-7.500 години, според материјалните остатоци и во каква врска биле со современиците од Тумба Маџари, Синадиновски вели:


Вера Атанасовска, раководител на ископувањата

- Кога ќе се спомене терминот „младо камено време“, се добива впечаток дека живееле луѓе кои немале свој јазик, ниту уметност, култура, дека биле диви луѓе кои се мавале со камења и испуштале чудни звуци. Тоа е сосема погрешна слика за ова време. Овие луѓе имале многу добро организиран живот, земјоделството и сточарството биле нивните главни стопански гранки, граделе големи населби и живеалишта, некои населби броеле и по неколку илјади жители. Имале своја религија, своја уметност, своја култура - раскажува Синадиновски.

Материјалните остатоци сосема јасно зборуваат дека керамичкиот занает и уметноста биле доста развиени во тоа време. Луѓето комуницирале со соседните населби, но и со населбите од поширокиот дел од Балканот.


Изработувале прекрасна керамика, без грнчарско колце

- Посоодветен термин за овој период би бил „керамичко време“ затоа што керамичкиот занает бил толку добро совладан, изработувале толку квалитетна и убава керамика која никогаш повеќе нема да се повтори низ историјата на овие простори. И сето тоа без керамичко колце кое ќе се појави многу подоцна. Луѓето од оваа населба несомнено комуницирале со населбите од Скопско, каде што е откриена идентична материјална култура, антропоморфни претстави, жртвеници, архитектура. Сето тоа сведочи дека во периодот на неолитот на една поголема територија на Источна и Северна Македонија се развивала една силна култура, наречена Анзабегово-Вршник по двата локалитета што биле ископувани кај селата Анзабегово кај Свети Николе и Таринци, Кочанско. Така, оваа населба, Тумба Маџари и другите населби од Скопско биле неколкуте светли точки што блескале во вечерните часови во неолитскиот период и кои со своето знаење и уметност ни оставиле прекрасна материјална култура која ние денес ја откриваме и нè доближува до секојдневниот живот на неолитскиот човек - вели Синадиновски.

Фото: Борче Поповски
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема