X
 27.04.2022 Наука

Археолози во Турција го откриле најголемиот подземен град во светот

Турскиот град Мидјат има толку богата историја, што може да се смета за музеј на отворено. Археолозите открија уште еден слој на историја, скриен под темелите на овој древен град. Се чини дека под Мидјат се крие најголемиот подземен град во светот.

До ова откритие дошле случајно, додека ги чистеле другите историски градски улици. Прво наишле на скриен влез во пештера, а потоа на необичен премин кој ги одвел до сложен систем на улици и соби што ги заинтригирало.

Областа, која вклучува десетина тунели и 49 соби, колку што досега се откриени, се нарекува Матиате, што значи „пештерски град“. За време на ископувањата археолозите пронашле артефакти кои датираат од вториот и третиот век од новата ера, силоси за складирање, жртвеници за богослужба и бунари.

- Додека куќите на врвот датирааат од 17, 18 и 19 век, под нив се крие сосема поинаков град стар 1.900 години - вели Гани Таркан, директор на музејот „Мардин“.

Градот Мидјат се наоѓа во југоисточниот дел на Турција. Бил населен за време на Асирското Царство, околу 900 година пр.н.е., а со него владееле Арамејци, Персијци, Хелени, Римјани, Византијци и Османлии.

град
Фото: АА

Таркан вели дека новооткриениот варовнички град под овој древен град веројатно бил недопрен во последните 1.900 години, а претпоставува дека на овој простор порано живееле 70.000 луѓе.

- Првично бил изграден како скривалиште или место за бегство. Како што е познато, христијанството не било официјална религија во вториот век. Семејствата и групите што го прифатиле христијанството главно се засолнувале во подземните градови за да избегнат прогон од Римјаните - објаснува Таркан.

Лозан Бајар, археолог од Канцеларијата за заштита и надзор при Мардин, го потврди објаснувањето на Таркан.

- Таквите подземни градови обезбедувале безбедност за луѓето. Резервоарите, бунарите и канализациониот систем ни кажуваат дека луѓето поминувале време овде. Во овој подземен град се молеле - вели Бајар.

Таркан вели дека големината на градот под Мидјат може да го собори од тронот подземниот град Деринкују во Кападокија, во кој можеле да живеат до 20.000 луѓе. Најмалку 40 други подземни градови се откриени низ Турција, но ако процената на Таркан дека откриле само дел од Матиате се покаже како точна - ниту еден друг град нема да може да се спореди со него по големината.

Извор: Dailysabah.com
Фото: AA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука